Македонија ја претставуваа 23 ученици поделени во пет тима, при што секој тим освои по една награда со свои инженерски решенија на темата „Кога луѓето би биле единствената вештачка интелигенција“.
Учениците работеа на проекти поврзани со реални предизвици од секојдневниот живот, опфаќајќи области како транспорт, производство на храна, заштита од природни непогоди и безбедност на значајни објекти, користејќи различни технологии од областа на роботиката и автоматизацијата, како и решенија базирани на вештачка интелигенција.
„Особено сме горди што сите пет тима се вратија со награди во силна меѓународна конкуренција. Овој успех претставува потврда дека македонските ученици можат рамноправно да се натпреваруваат со врсници од регионот и пошироко, користејќи современи инженерски пристапи и ВИ технологии“, изјави Љубчо Јованов од СТЕМ академија.

На почетокот на април годинава тимовите на Академијата освоија прво и второ место на Глобалната олимпијада за роботски спортови во Крит, Грција.
СТЕМ академија е меѓународно акредитирана образовна организација од Скопје која работи со ученици на возраст од 5 до 16 години преку програми по роботика, автоматизација и инженерство, а резултатите од меѓународните натпревари претставуваат значаен дел од развојот на практичните СТЕМ компетенции кај младите.






