Според објавените информаци, осомничените синоќа со патничко возило „БМВ“ со ресенски регистарски таблички пристигнале до отпадот. Според сведок, станувало збор за четири лица – двајца се движеле зад објектот, додека двајца чекале во автомобилот.
По палењето на багерот, кој можел да предизвика многу поголем пожар доколку огнот се проширел на отпадот, осомничените избегале со голема брзина.
Иако се движеле по споредни улици, според сознанијата на „Скопје1“, нивното движење било регистрирано од неколку безбедносни камери, што им помогнало на полициските службеници брзо да ги лоцираат.
Апсењето било извршено на Јадранска магистрала, кратко време по пријавата.
Од Министерството за внатрешни работи за „Скопје1“ потврдија дека три лица се лишени од слобода.
„Полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Џ.Џ., А.А. и Ф.Љ. поради основи на сомнение за сторено кривично дело ‘предизвикување на општа опасност’ по член 288 од Кривичниот законик. На 01.07.2026 околу 23:20 часот во Полициската станица Чаир е пријавено дека во отпад за секундарни суровини на подрачјето на ПС Чаир бил запален багер. Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје ги забележале лицата кои биле со патничко возило ‘БМВ’ со ресенски регистарски ознаки, по што ги лишиле од слобода. По документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок“, велат од МВР.
Локацијата во Визбегово во изминатиот период двапати беше зафатена од големи пожари. Уште тогаш постоеја сомневања дека огнот е намерно подметнат со цел да се предизвика штета на фирмата што стопанисува со отпадот и да се создадат услови за нејзино затворање.






