четврток, 2 јули 2026

Невработените до утре можат да се пријават на огласот за добивање грант за самовработување и започнување бизнис

Невработените од земјава со задолжително средно образование, а посебно младите до 29 години најдоцна до утре можат да се пријават во центрите за вработување во земјава за добивање грант за самовработување и отворање сопствен бизнис. Тоа е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2026 година кој со 40 милиони евра Владата го финансира од буџетот со цел да се намали невработеноста во земјава, преку  самовработување и започнување на сопствен бизнис.

Објавено на

часот

Сподели

Денеска во Велес, Оперативниот план го презентираа заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески, заедно со заменик директорката на Агенцијата за вработување Весна Пешова и со директорката на Агенцијата за иновации, научно технолошки развој и претприемништво-ИНОВА Даниела Димовска. Заклучно со денес на огласот за добивање на грант во Центарот за вработување во Велес се пријавиле околу 140 невработени, а во сите центри во државата до вчера аплицирале над 4300 невработени. Воедно сите заинтересирани невработени можат да се пријават заклучно до утре до 14:30 часот во Центарот за вработување во Велес, како и во останатите вакви центри во земјава.

Како што по информира заменик министерот Ристески, целта на денешната посета во Велес е да го видат интересот кај невработените и уште еднаш да ги охрабрат невработените, а  посебно младите до 29 година да аплицираат за добивање на грант. Тој ги повика младите кои имаат добар бизнис план да го искористат и да аплицираат, а според него, големи им се шансите за добивање на грант.

Информира дека за првата мерка самовработување до 29 години грантот е 10 илјади евра, а над 29 години е 7 илјади евра меѓутоа невработените кои ќе добијат можат да основаат Друштво со ограничена одговорност и ако се здружат двајца млади до 29 години можат да добијат 20 илјади евра, а ако се здружат двајца повозрасни можат да добијат 14 илјади евра. Ако се искомбинира заедно да работат помладо лице до 29 години 10 илјади евра плус еден повозрасен кој ќе добие 7 илјади евра, или двајцата би добиле вкупно 17 илјади евра.

На огласот можат да аплицираат  и повратниците и кај нив новитетот е што покрај овој грант добиваат плус 10 посто од овие суми. Така младо лице повратник до 29 години покрај 10 илјади евра добива и 10 отсто плус бонус или вкупно 11 илјади евра, за отворање на сопствен бизнис.

Целта на овој оперативен план на Владата, рече Ристески, кој е историски најголем досега  е повеќекратна – прво тоа им овозможува на младите лица отворање на сопствен бизнис, а со тоа  ќе  ја намалиме невработеноста. Втората цел е преку отворање на локални бизниси да се развие локалната економија и третата цел е да нема одлив на младите и работоспособното население во земјава, појасни заменик министерот Ристески.Воедно посочи дека  ланскиот оперативен план имал 93 посто реализација, а годинава тој очекува да биде надминат со 95 проценти. Со ланскиот оперативен план 12 илјади лица учествувале во активните мерки и ги користеле, а во мерката самовработување над 2.600 лица во земјава нашле вработување.

„Инаку двете најактарктивни мерки се самовработување и помош на правни субјекти за вработување на невработени лица и млади до 29 години. Со тие мерки само во 2025 година, дирекно се вработиле на 4500 лица, а  годинава очекуваме бројката да биде и поголема“, најави заменик министерот Ристески.

Весна Пешова заменик директор на Агенцијата за вработување, информира дека на овие огласи можат да се пријават сите невработени со средно образование за отворање на свој бизнис од повеќе области посебно од занаетчиството и други дејности, но  со исклучок на бизниси поврзани со  земјоделието, бизниси поврзани со производство и продажба на муниција, такси превоз, приватни агенции за вработување, финансиски и осигурителни комании и отворање бизниси за игри на среќа и коцкарници.

Таа појасни дека на добитниците на грант нема да  им се исплаќаат парични средства, туку тие ги плаќаат нивните профактури исклучиво  потрошени наменски за набавка на опрема и материјали поврзани со нивниот производствен процес. При тоа нивните бисниси  мора да опстојат  најмалку две години, но целтта им е да опстојат и успешно да работат долгорочно.

Даниела Димовска директорка на Агенцијата за иновации, научно технолошки развој и претприемноштво – ИНОВА информира дека сите кои ќе добијат грант од нив ќе добијат  и консулатнтска помош за бизнис план како  менторска поддршка од различни области  за првите 6 месеци од отворање на нивниот  бизнис. Таа посочи дека некои од  корисниците, кои спаѓаат во посебни групи како што се инвалиди и некои други одредени категории на корисници,  консултантска поддршка од ИНОВА  ќе добиваат и подолго од шест месеци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ