Градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, во присуство на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и минисетрот за европски прашања, Беким Сали, на терен го означи почетокот на работите оценувајќи дека станува збор за една од најзначајните инфраструктурни интервенции во ова историско подрачје во последните децении.
Проектот опфаќа површина од 1.567 квадратни метри и предвидува реставрација на калдрмата со травертински камен, со цел да се зачува историската автентичност на Чаршијата и да се обезбеди долготрајност на интервенцијата. Паралелно, предвидена е и целосна модернизација на подземната инфраструктура, која вклучува нов водоводен и канализациски систем, нова електрична мрежа и поставување оптичка инфраструктура.
Во рамките на проектот ќе бидат уредени и пешачките површини, а предвидено е поставување ново улично осветлување, со канделабри во традиционален стил, како и урбана опрема, клупи и корпи за отпадоци, со што просторот треба да стане пофункционален и попривлечен за граѓаните и туристите.
Според Меџити, улицата Самарџии претставува некогашен центар на занаетчискиот живот во Чаршијата и по повеќе од половина век без сериозна интервенција добива целосна реконструкција, со што, како што рече, почнува суштинска обнова на Старата чаршија.
„По повеќе од пет децении без сериозни интервенции, почнуваме вистинска трансформација на Старата чаршија. Ова е инвестиција што ги враќа урбаното достоинство, функционалноста и живоста на овој историски простор“, изјави Меџити.






