петок, 15 мај 2026

Утре стигнуваат 100 илјади вакцини „Фајзер“, в недела 500 илјади од „Синовак“, најави Филипче

Објавено на

часот

Сподели

„Кинеските вакцини, сите заедно, стигнуваат во недела на 27 јуни, со два лета, во 14.00 и во 16.00 часот. По 250.000 слетуваат на аеродромот во Скопје. Веќе е направен план за складирање на две места, во поликлиниката ‘Јане Сандански‘ и на Институтот за судска медицина, каде што има доволен капацитет во ладните соби да се сместат сите вакцини“, рече Филипче.

Тој се надева дека непосредно по добивањето на дозволата за пуштање на сериите во промет, во понеделник или вторник, вакцините ќе се дистрибуираат ширум државата. Според Филипче, утре треба да стигне и пратка од 100.000 вакцини од „Фајзер“ преку Ковакс системот.

Тој уште рече дека во наредниот период не се очекува голем ризик од нов бран, но состојбата внимателно ја следат, а по пристигнувањето на овие големи пратки вакцини ќе се забрза и темпото на вакцинација ширум земјава.

„Нашата проценка врз основа на сите анализи кои ги правиме и состојбата во околните земји, укажува дека некој голем ризик од нов бран сега, во скор временски период нема. Но, тоа не значи дека не треба да бидеме внимателни и затоа будно ја следиме состојбата. Има случаи во некои земји на заразени лица со индискиот сој, дури и вакцинирани, а тоа што е добро, во огромен процент, над 97-98 отсто од случаите не бараат хоспитализација, што значи дека клиничката слика е послаба. Затоа, сега ќе следи едно забрзано темпо на вакцинација ширум државата во сите вакцинални пунктови“, рече Филипче.

 Тој најави дека на вакцинација во наредниот период ќе бидат повикани организирано наставниците.

„Во однос на вкупниот број на наставници беа вакцинирани сите наставници кои работеа со физичко присуство, односно наставниците од прво до трето одделение. Тоа, посочи, е една третина од вкупниот број на вакцинирани наставници. На другите не дававме приоритет заради тоа што работеа во домашни услови. Сега по истиот систем на повикување, организирано ќе бидат вакцинирани други. Најприоритетна група се за да можат училиштата да почнат да работат“, изјави Филипче.

Инаку, на вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 285.957 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 3.712 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 6.478 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 494.909 дози вакцини, а ревакцинирани се 208.592 граѓани.  

На веб платформата vakcinacija.mk, пак, досега се пријавиле 459.213 граѓани.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ