Професорите не ги спречи тропската горештина по трет пат да излезат на протест пред МОН со барање министерката Мила Царовска да го разреши в.д.директорот Филип Фидановски.
Денеска тие до Државниот просветен инспекторат поднесоа уште една претставка против Фидановски, во која, овојпат, е наведено дека тој вчера свикал и одржал Наставнички совет на незаконит начин и без присуство на мнозинство од наставниците (со седум од 35 наставници), со цел, како што пишува, да се утврдат оценките и поведението за учениците од два класа, без присуство на класните раководители. Бараат Инспекторатот да направи увид во училиштето.
Велат дека во низата незаконити одлуки, тој донел и нова, именувал помошник директор, што според професорите, не е дозволено имајќи го предвид малиот број на паралелки, како и дека во училиштето наставата не се изведува на два јазика.
Овој месец полагањето на приемен испит за кандидати за упис во училиштето директорот организираше на верски празник, односно во неработен ден за нив, што според мнозинството професори претставуваше кршење на законот и правата на вработените, поради што комисијата за упис не дојде. Но, директорот формираше „заменска комисија“.
На протестот на професорите беше повторено дека в.д. директорот се однесува диктаторски, дека не го почитува мислењето ниту на Наставничкиот совет, ниту на стручниот уметнички колегиум, додека пак Училишниот одбор не е законски конституиран. Нагласуваат дека тој на своја рака ги променил нормативите на училиштето, поради што дел од професорите токму по стручните предмети наесен можат да станат технолошки вишок.
Пред неколку дена пред МОН беше организирана и протестна изложба на уметнички дела на професорите.







