Досега, според официјалните податоци, се вакцинирани нешто помалку од 300 илјади, а во наредниот период со поголемата количина кинески вакцини ќе продолжи масовната имунизација, информираше Филипче на денешната прес-конференција со кинескиот амбасадор во Македонија, Џанг Ѕуо.
„Досега се вакцинирани под 300.000 граѓани, а планирано е во следниот период да се вакцинираат уште 300.000 луѓе. Сметам дека до крајот на летото ќе постигнеме процент на имунизирани за кој ќе можеме да кажеме дека е колективен имунитет. Секако, не знаеме како ќе влијаат мутациите на коронавирусот, но искуствата од другите држави, вклучувајќи ја и Кина, покажуваат дека вакцините се многу важен фактор во борбата против пандемијата“, изјави Филипче.
Тој најави дека за време на викендот се очекува да пристигнат 500.000 дози од кинеската вакцина „Синовак“, како и значителна количина на Фајзер преку механизмот Ковакс, кои следниот понеделник ќе бидат распределени во осум центри за вакцинација.
„Од јули, третиот и четвртиот квартал, најавени се сите други поголеми количини на вакцини. Се очекува, како што е првично највено, да стигнат 350 илјади од вакцините на Фајзер и преку КОВАКС системот“, рече Филипче.






