„Со Стопанската комора работиме долго време. Но, ова е еден настан, со којшто треба да излеземе во јавност и да привлечеме уште повеќе членови, и нивни и наши, други универзитети да го следат примерот и да работиме на заеднички во однос на креирање на иднина на нашите студенти, а подоцна нивни вработени. Често тема е односот меѓу бизнисот и образованието и најчесто со негативна конотација. Со денешниот настан ќе кажеме дека бизнисот и образованието можат да соработуваат, а тоа ќе го покажеме во годините кои следат“, изјави ректорот на битолскиот Универзитет, проф. д-р Сашо Коруновски.
Потпретседателката на Стопанската комора, Јелисавета Георгиева Јовевска истакна дека бизнис секторот сака да биде коректив, меѓутоа и да ги следи процесите коишто се случуваат во образованието.
„Од посетата на компаниите и од анкетите кои секојдневно ги правиме со нашето членство, недостасуваат или треба да се обрне повеќе внимание на стручноста и компетенциите на студентите по завршувањето на факултетите. Во следниот период, ќе обрнеме уште поголемо внимание на тој проблем и се надеваме дека со научната фела и власта, која ги креира тие програми, ќе бидеме заеднички чинител во овој процес“, истакна Георгиева Јовевска.
Заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани рече дека овој дијалог е продолжение на соработката што МОН ја имаше со стопанските комори во процесот на утврдување на потребите на компаниите и креирање на нови струки во средните стручни училишта, за кои уписите се во тек.
„Истовремено ова е солидна основа за продолжување на образованието на високообразовните установи посебно на техничките факултети, кои изминатиот период беа помалку атрактивни за младите“, нагласи Шабани.






