
„Размислуваме за септември и октомври, особено за граѓаните кои не сакаат да се вакцинираат од кои било причини. Ако процениме дека ризикот од невакцинираните е доволно голем, вклучувајќи ги и вакцинираните, ќе воведеме рестриктивни мерки“, рече Филипче.
Тој смета дека не смее граѓаните кои се вакцинирани или прележале ковид-19, да бидат загрозени од луѓето кои од некакви причини не сакаат да се вакцинираат, па затоа најавува мерки за невакцинираните по терк на другите земји, кои не дозволуваат влез во некои објекти или присуство на настани за невакцинирани.
„Размислуваме дали е потребно нешто да се направи во есенските месеци, почнувајќи до септември. Ги следиме искуствата во другите земји. Секаде во светот има дебата што и како треба да се прави. Размислувањата одат во правец на тоа дали треба рестрикција во однос на граѓаните што не се вакцинирани, некои земји воведуват брзи тестови за влез во маркети, места за културни настани итн. Размислуваме, сè уште не сме донеле одлука, меѓутоа, ако процениме дека ризикот од невакцинираните кон популацијата, вклучувајќи ги и вакцинираните е доволно голем, ќе воведеме рестриктивни мерки“, кажа Филипче.
Тој уште информираше дека во земјава од ревакцинираните 330.000 граѓани регистрирани се 92 заболени од ковид-19 што претставува мал процент и укажува на ефикасноста на вакцините.
„Значи дека процентот на заболени лица коишто се ревакцинирани е навистина многу мал, некаде околу 0,02%, што е уште еден доказ за тоа колку е корисна вакцината и апелирам повторно, сите граѓани да се свесни дека тоа е единствениот начин да се смени сликата за пандемијата“, рече Филипче, додавајќи дека во следниот период ќе се продолжи со вакциналните кампањи и заложбите вработените во училиштата и градинките да бидат целосно имунизирани.






