понеделник, 10 ноември 2025

Нeма мир без слобода, протестен марш во солидарност со Палестина во Скопје

Под мотото „Нема мир без слобода“ денеска во Скопје се одржa нов протестен марш во солидарност со палестинскиот народ и против продолжувањето на окупацијата и геноцидот во Газа. Маршот почнa пред споменикот „Симфонија на мирот“ (наспроти гимназијата „Јосип Броз Тито“) и продолжи до зградата на Владата на Македонија.

 

Објавено на

часот

Сподели

Организаторите од иницијативата „Сите за Палестина“ нагласија дека овој протест е фокусиран на потребата за траен и праведен мир заснован на ослободување, правда и одговорност, а не на површен прекин на огнот кој го легитимира окупаторот и ги поништува правата на палестинскиот народ. Тие потсетија дека прекинот на огнот не ја поништуваат одговорноста за извршените воени злосторства, ниту го бришат геноцидот што се случи во Газа.

„Геноцидот не завршува со потпис на хартија,“ стои во изјавата. „Мировните договори не се изговор за неказнивост. Владите, вклучително и македонската, имаат законска и морална обврска да го признаат геноцидот и да делуваат согласно меѓународното право. Палестина е под окупација веќе 77 години. Палестинците се жртви на присилно иселување и етничко чистење веќе 77 години, а последните две години се жртви на најмонструозниот геноцид во поновата историја на човештвото,“ изјавија од иницијативата.

Организаторите потенцираа дека привремениот прекин на огнот не значи крај на страдањето, туку често само создава услови за продолжување на системското насилство, окупацијата и експлоатацијата на палестинската земја и ресурси.

Истовремено, организаторите предупредија дека процесот на реконструкција не смее да се претвори во профитабилен проект за елитите, туку мора да биде вистинско обновување под водство на самиот палестински народ и жителите на Газа. Обновата е неопходна и итна, но мора да биде во служба на луѓето – за обновување на домовите, училиштата, болниците и достоинството на оние кои изгубија сè во бомбардирањата. „Не може да има мир на темели од крв и рушевини,“ стои во изјавата.

„Бараме Владата да го осуди геноцидот во Газа и да делува согласно Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид. Да гласа за солидарност со палестинскиот народ во сите идни гласања на Обединетите нации. Македонија повторно да ја признае државата Палестина. Итно да ги прекине дипломатските, економските, културните и спортските односи со Израел.  Да се вклучи во доставување на хуманитарна помош за Газа. Да поддржи меѓународни заложби за прекин на геноцидот и влез на помош во Палестина. Да ги уапси сите лица гонети за воени злосторства што би се појавиле на територијата на Македонија, согласно обврските како членка на Меѓународниот кривичен суд. Нашата власт мора конечно да ги исполни обврските според меѓународното право,“ велат од иницијативата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ