понеделник, 4 мај 2026

Намален бројот на работниците во индустријата, но во март има раст на индустриското производство

Бројот на работниците во индустријата во периодот јануари – март 2026 година во однос на периодот јануари – март 2025 се намалил за 3,3 проценти, а во март 2026 во однос на март 2025 година за 2,8 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

Објавено на

часот

Сподели

Бројот на работниците во март 2026 година, во однос на март 2025 година, во секторот – рударство и вадење камен се намалил за 6.9 %, во секторот – преработувачка индустрија за 2.8 %, а се зголемил во секторот – снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 0.6 %.

Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во март 2026 година, во однос на март 2025 година, се намалил во групите – енергија за 2.1 %, капитални производи за 3.6 %, нетрајни производи за широка потрошувачка за 3.4 % и интермедијарни производи, освен енергија за 2.9 %, а се зголемил во групата – трајни производи за широка потрошувачка за 1 %.

Но и покрај ваквите податоци од ДЗС за работниците во индустријата, премиерот Мицкоски денеска истакна дека сепак во март годинава има значаен раст на индустриското производство.

„Конечно, во март имаме значаен раст на индустриското производство во споредба со март минатата година од 3 проценти, а трговијата на мало расте со двоцифрен број проценти“, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, истакнувајќи дека Владата ќе продолжи да работи на зголемување на куповната моќ на граѓаните.

На новинарско прашање Мицкоски посочи дека, за жал, останува сè уште проблемот во секторот рударство, каде што има помала активност во првиот квартал, изразувајќи надеж дека ќе се преземат активности за подобрување на состојбите.

„Се надевам дека за две-три проблематични правни лица ќе најдеме начин како и ние како држава да помогнеме, но и тие самите да си помогнат, и на тој начин да го вратиме рударството на оние патеки на кои треба да биде“, рече Мицкоски.

Будно ја следиме состојбата, дополни премиерот, и со сите нови проекти во индустријата, со сите нови производни капацитети, охрабрен сум што преработувачката индустрија расте.

„Тоа е нешто што сите треба да нè охрабрува“ , одговори Мицкоски на новинарско прашање по присуството на панихидата во црквата „Св. Спас“ во Скопје по повод 123 години од смртта на Гоце Делчев.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ