Откако станал недостапен за органите на прогонот, на Груби му бил одреден 30-дневен притвор во отсуство. Се претпоставува дека целиот овој период Груби бил на Косово, каде што заминал со возило со дипломатски таблички во придружба на познат бизнисмен.
Груби како раководител на владина седница го одобрил барањето за ВЛТ-апаратите иако знаел дека јавната набавка е незаконска и дека Лотарија нема право самостојно да организира електронски игри на среќа. Ревизијата покажа дека над 180 милиони денари или близу 3 милиони евра биле спорни во Државната лотарија, дека имало невалидна или неуредна документација.

На владина седница со која раководел Груби било донесена одлуката со која се отуѓи државно земјиште на фирмата на сопругата на Димитар Ковачевски за изградба на фотоволтаици по цена од 70 денари за еден квадратен метар.
Груби од 9 декември 2024 е на црната листа на САД поради „вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси“, поради негова поврзаност со застареноста на предметот „Таргет-Тврдина“. На црната листа на САД за истиот случај се најде и судијата Енвер Беџети под сомневање дека двајцата примиле мито за да влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, за масовното прислушување.
По бегството, од неговата партија ДУИ соопштија дека Груби треба да се појави пред органите на правдата и да го расчисти случајот, а воедно и да се повлече од јавниот и партискиот живот.
А.Д.






