понеделник, 4 мај 2026

Мобилни тимови за бесплатна правна помош информираат и помагаат на граѓани во Скопје, Битола и Штип за правни прашања

Информативната иницијатива „Мобилни тимови за бесплатна правна помош“ се спроведува во просториите на Управата за водење на матичните книги три градови – Скопје, Битола и Штип од ноември 2025 година и ќе продолжи до 15 мај 2026 година. Таа има за цел да обезбеди директна помош за граѓаните во Скопје, Битола и Штип и да го подобри пристапот до правда преку овозможување на ранливите и маргинализираните лица, особено припадниците на ромската заедница, да добијат навремена правна помош и поддршка.

Објавено на

часот

Сподели

„Секој граѓанин има право на примарна правна помош, без оглед на неговата економска, имотна, социјална, верска или етничка припадност. Примарната правна помош вклучува давање на првичен правен совет, општи правни информации, како и помош при пополнување на формулари со цел остварување на правата загарантирани со законските прописи на државата.

Во исто време, оваа иницијатива придонесува за зајакнување на капацитетите на студентите од правните клиники, кои на тој начин ги унапредуваат своите знаења и вештини за работа со клиенти. Истовремено, мобилните тимови за бесплатна правна помош обезбедуваат соодветно правно советување и упатување, правејќи го пристапот до правда подостапен за граѓаните преку интегрирање на правната помош и поддршка во рамки на постојните јавни институции“, велат од иницијативата.

Иницијативата предизвика интерес кај граѓаните во Скопје, Битола и Штип. Досега, примарна бесплатна правна помош е обезбедена за 943 лица од различна возраст и од различни етнички заедници. Во Скопје, бесплатна примарна правна помош е обезбедена за 351 лице, во Битола за 403 лица, додека во Штип за 189 лице. Некои од најчесто поставуваните прашања се однесуваат на запишување на новороденче во Матичната книга на родените, постапки за признавање татковство и запишување во Матичната книга на родените, наследни постапки и семејно-правни прашања, особено бракоразводни постапки.

Мобилните тимови за бесплатна правна помош во Управата за водење на матичните книги во Скопје, Битола и Штип се составени од претставници на граѓанскиот сектор (кои работат во здруженија овластени за давање на примарна правна помош) и студенти од правните клиники при Правните факултети во Скопје, Битола и Штип.

Иницијативата се спроведува двапати неделно во просториите на Управата за водење на матичните книги во овие градови, според следниот распоред: мобилен тим во Скопје – секој понеделник и четврток од 9 до 11 часот;  мобилен тим во Битола – секој понеделник и среда од 10 до 12 часот;  мобилен тим во Штип – секој вторник и петок од 11 до 13 часот.

Оваа иницијатива е организирана во рамки на заедничката акција на Европската Унија и Советот на Европа  „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во  Македонија“  (дел од Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција), во тесна соработка со Мисијата на ОБСЕ, Министерството за правда на  Македонија, Управата за водење на матичните книги и Министерството за дигитална трансформација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ