Мицкоски потстеи дека освен кризите со протести и економски потреси, постои и една поиналва, тивка криза, а тоа е демографската рецесија. Ова не е проблем само на Македонија, рече Мицкоски, туку е предизвик на целата Европа, па и пошироко.
„Германија, Италија, Бугарија, Јапонија, Јужна Кореја- сите тие држави веќе одамна се соочуваат со истото: се раѓаат сѐ помалку деца, населението старее, а младите се сè почесто во потрага по подобар живот надвор од границите.
И ние не сме исклучок. Но, нашата состојба е посебна. Затоа што додека некои држави ја забележуваат оваа појава како тренд, кај нас таа е аларм. Овој проблем од претходните влади се ставаше под тепих и не се гледаше на него како на сериозна закана“, вели Мицкоски.
Во 2024 година во Македонија се родија 16.061 дете, а починаа 20.201 лице. Тоа е природен пад од 4.140 луѓе за само една година. Во последните 4 години изгубивме повеќе од 33.000 жители – или еден град од големина на Кавадарци или Кичево. Стапката на наталитет падна од 12,5‰ во 2010 година на само 8,8‰ во 2024.
„Во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение. Сè повеќе луѓе живеат сами. Сè помалку се женат, сè помалку деца се раѓаат. Ова е тишина што се шири. А кога велиме дека ‘ги рушеа темелите’, не мислевме само на корупцијата, на стопираните проекти, на нефункционалните институции од минатата влада. Мислевме и на ова. На рушење на семејството. На губењето на иднината. На иселувањето како единствена опција.
Затоа денес кажуваме гласно – oваа Влада не го премолчува проблемот. Го именува. Го признава. И се бори со него. Но, што значи таа борба? Тоа не е борба со едно министерство. Тоа е борба на сите нас. Борба што се води во градинките, во училиштата, во родилиштата, во домовите, во иселеничките клубови, на граничните премини каде се простуваат мајки и синови. Затоа, нашата борба е да го направиме животот овде вреден, да го направиме мајчинството благослов, а не товар, да им дадеме на младите причина да останат, да изградиме институции што не ја трошат туѓата младост, туку ја негуваат, да изградиме држава во која надежта е поважна од пасошот.
Знаеме дека нема магично решение. Но има намерна, постојана, државничка борба. И ние ја почнавме. Секоја мерка, секоја инвестиција, секоја политика што ја носиме е со цел да ја вратиме вербата. И тука сериозно размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети. Нема ништо посвето од животот. И нема ништо потажно од тоа што денес нашата држава тивко се празни. Но исто така, нема ништо похрабро од народ што се буди. Затоа велиме – време е. Време е за иднина. Време е за држава-каде што ќе се раѓаат повеќе деца, тоа ни е главниот императив, повеќе млади да стапуваат во брак и да се раѓаат повеќе деца, а оние кои што се отселени да се вратат. Затоа што само така ќе се живее со повеќе срце.
Едгар Морен, рекол: „Демографијата не е судбина, туку огледало. Прашањето е што ќе видиме во него и дали ќе имаме храброст да дејствуваме.“
Ние веќе гледаме. И веќе дејствуваме. Ги градиме темелите на промените- затоа што доаѓа времето на народот и граѓаните. И тоа нема да биде време на заминување, туку на враќање. Не на тишина – туку на нови гласови. Не на исчезнување – туку на раѓање“, рече Мицкоски.