„Објавувањето на извештајот за напредокот со оцена дека Македонија не постигнала напредок на европскиот пат, ни испрати јасна порака каде се движи земјава изминатите година и пол под власт на ВМРО-ДПМНЕ. Овој извештај е практично најлошиот извештај којшто сме го добиле изминатите десетина години и сериозно го вклучува алармот за иднината и перспективата на државата“, рече Филипче.
Според него, извештајот го потврдува застојот и назадувањето на земјата во процесот на европските интеграции и нагласи дека се потребни итни чекори за враќање на државата на европскиот пат.
„Се случи тоа што предупредувавме, ВМРО-ДПМНЕ успеа за една и пол година да нè стави во групата со Косово, со Босна и Херцеговина, со Молдавија, со Украина, со земји коишто последни го почнаа патот на евроинтеграциите“, рече тој.
Тој рече дека нема устави измени, но исто така нема напредок ниту во реформската агенда, додека во буџетот не се предвидени доволни пари за спроведување на Планот за раст.
Извештајот на Европската комисија, рече Филипче, потврдил дека државата е во целосен застој – економијата е во стагнација, во образованието има дебакл, а институциите се парализирани.
„Во бројки ситуацијата изгледа вака: само 4 области се оцените како добар напредок, а и тие се минорни и не се однесуваат на вистински внатрешни реформи. Во осум области нема никакво поместување вклучувајќи и најкритичните – правосудството и фундаменталните права. Она што е најлошо од овој извештај во поглавјето 24 – правда, слобода и безбедност, Владата добива единица, што значи драстичен пат во споредба со лани“, истакна Филипче.
Филипче зборуваше и за нивниот предлог за црвени линии, кој како што кажа е доставен до политичките партии во Собранието и од кои очекува одговор. Тоа, како што кажа, може да биде основа за натамошни разговори на партиите за постигнување консензус.
На прашањето, дали би прифатиле да гласаат за уставни измени со одложено дејство, рече дека се согласуваат, но што ќе значи тоа и дали ќе ги отвориме поглавјата.






