недела, 24 мај 2026

„Креди јес“ е финансиското друштво кое остана без лиценца

„Креди јес“ е финансиското друштво за брзи кредити на кое Министерството за финансии поради неправилности во работењето му ја одзеде лиценцата за работа. Партијата Влен денеска соопшти дека затворањето на 40-те филијали на „Креди јес“ поради законски прекршувања е дел од борбата против финансиските злоупотреби и појавите што им штетат на граѓаните.

Објавено на

часот

Сподели

Министерството за финансии вчера објави дека е одземена дозволата за работа на едно од поголемите финансиски друштва на пазарот, откако со вонреден надзор спроведен по пријава од граѓанин биле утврдени сериозни повреди на законски обврски, без да биде соопштено за какви законски прекршувања поконкретно се работи.

Сопственици на „Креди јес“ се лица од Бугарија. Ова финансиско друштво во Македонија има 40 филијали и околу 120 вработени. Тие веќе добиле изветување дека работниот однос им е прекинат. „Креди јес“ може само да продолжи со работа само за наплата на своите побарувања.

„Надзорот утврди грубо прекршување на законските прописи, постапување спротивно на правилата за заштита на корисниците и практики со кои директно биле доведени во ризик граѓаните – корисници на финансиски услуги. Поради тежината на утврдените прекршоци и сериозноста на констатираните неправилности, Министерството за финансии во мај донесе решение за одземање на дозволата за работа на финансиското друштво“, објави Министерството.

„Креди јес“ во Македонија работи од 2019 година. Лани добивката на ова друштво била околу еден милион евра.

Денеска Влен соопшти дека почна борбата против финансиските злоупотреби и појавите што им штетат на граѓаните.
„Ќе бидеме во првите редови на борбата против појавите што му штетат на општеството, како што се коцкањето, злоупотребувачките брзи кредити и другите форми на финансиска експлоатација на граѓаните. Денес се докажува дека ова ветување не било само политичко ветување, туку реална заложба за заштита на јавниот интерес. Институциите треба да бидат во служба на граѓаните, а не на групи кои профитираат од економските тешкотии на луѓето. Последната акција на Министерството за финансии покажува дека државата конечно презема конкретни мерки против практиките кои со години им нанесуваат штета на граѓаните, особено на семејствата со ниски приходи, вовлекувајќи ги во циклус на долгови, финансиска несигурност и економска зависност.
Затоа, ќе продолжиме да ја поддржуваме секоја реформа и секоја законска мерка што гарантира транспарентност, заштита на потрошувачите и финансиска сигурност за граѓаните“, соопшти денеска Влен, партија која е дел од владеачката коалиција.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ