Како што соопшти МОН, Јаневска на настанот им го честитала на припадниците на ромската заедница Светскиот ден на ромскиот јазик, посакувајќи им „вечност на најважното идентитетско обележје“ и им порачала дека „Македонија ги почитува и секогаш ќе ги поддржува во заложбите за зачувување и развој на нивната култура и идентитет“.
Посочила дека Министерството за образование и наука континуирано работи на унапредување на образованието на ромската заедница и на создавање услови за одржливо изучување, промоција и заштита на ромскиот јазик и оти во оваа насока годинава има значајни исчекори.
„Чест ми е што лично ги предводев промените што се случија и додека раководам со овој ресор ќе продолжам да прифаќам реални и спроведливи иницијативи. Со измени на законската регулатива овозможивме учениците да го изучуваат изборниот предмет, Јазик и култура на Ромите и во групи помали од 15 ученици, што претходно не беше пракса. На овој начин, создадовме реална можност секое дете што сака да го изучува ромскиот јазик, да може тоа да го направи без ограничување“, нагласила Јаневска, додавајќи дека преку обезбедување современи наставни материјали се негува ромскиот јазик од најрана возраст.
Јаневска напомнала и дека Министерството за образование и наука го зголеми бројот на ромски образовни медијатори во основното образование од 40 на 50, а првпат се воведени и во средното образование „каде во минатото недостасуваа, а имаат важна улога во градењето мостови помеѓу учениците, училиштата и родителите“. Годинава е зголемена и квотата на стипендии за ученици и студенти Роми, за околу 300 стипендии.
„Ова се мерки кои произлегуваат од Националната стратегија за Роми и не претставуваат само краткорочни активности, туку одржливи јавни политики што ја зацврстуваат рамноправноста и инклузивноста во нашиот образовен систем. Со иста почит и политики продолжуваме и во периодот што следува, затоа што ромската заедница е дел од нашето заедничко општество и има придонес во неговиот развој. Ако го јакнеме образованието на Ромите, ја јакнеме и силата на заедницата и нејзината општествена улога“, укажала министерката Јаневска.
Министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, Шабан Салиу, пак денеска порача дека Меѓународниот ден на ромскиот јазик не е само датум во календарот, туку е потсетник дека јазикот, како жив мост меѓу генерациите ги поврзува минатото, сегашноста и иднината на еден народ.
Јазикот, според него, е најмоќниот симбол на припадност и самопочит, а Меѓународниот ден на ромскиот јазик, не потсетува дека јазикот не е само средство за комуникација, туку и знак и на идентитетот, достоинство и духовна сила.
„Ромскиот јазик, како дел од големото културно богатство на човештвото, со векови опстанува низ времињата на промени, миграции и предизвици. Тој го пренесува колективното сеќавање на еден народ што и покрај сите искушенија успеал да ја зачува својата култура, музика, приказна и надеж. Овој ден, прогласен од УНЕСКО во 2015 година, не потсетува на обврската што ја имаме да го чуваме и развиваме јазичното наследство на Ромите како дел од европската и светската цивилизација“, рече Салиу.
Македонија, нагласи, е држава, која се темели на принципите на еднаквост, мултикултурализам и меѓусебна почит. Токму во таа насока, подвлече Салиу, Владата преку Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, поставила јасна рамка и визија да создадеме општество во кое секој Ром ќе има еднакви можности за образование, вработување, пристојни услови за живеење и целосно учество во јавниот живот.
За претседателот на Собранието, Африм Гаши, ромскиот јазик е дел од културниот мозаик што го збогатува нашиот општествен идентитет.
„Затоа заштитата и развојот на ромскиот јазик значи всушност заштита на меморијата, достоинството и динамиката на една заедница која дала многу на нашето општество“, рече Гаши.
Собранието, нагласи тој, останува посветено на гарантирање на заштитата и унапредувањето на правата на ромската заедница преку зајакнување на инклузивните политики во образованието, културата и граѓанското учество.
„Разновидноста не е поделба, туку извор на сила и наша должност е да го претвориме овој ден во повик за единство, меѓусебно почитување и конкретни дејствија“, истакна Гаши.






