понеделник, 20 јули 2026

Ѓорѓиевски: Ме радува кога најголемиот проблем во Скопје е печатена грешка

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски се огласи на Фејсбук по повод грешките на билбордот што беше поставен на влезот на Скопје. Тој во објавата напиша дека кој работи и греши и оти грешката е веќе корегирана.

Објавено на

часот

Сподели

„Кој работи и греши, а ме радува кога најголемиот проблем во Скопје е печатена грешка. Тоа е така затоа што јас и мојот тим го слушаме гласот на граѓаните и ги решаваме нивните проблеми. Веќе нема заборавени маала и населби, работиме посветено и чесно во служба на граѓаните“, напиша Ѓорѓиевски.

Според него, опозицијата очигледно нема ниедна сериозна тема па се занимава со ниски страсти.

„Ако нашиот најголем грев е печатена грешка, тогаш сме на одличен пат! Жално е што поминаа два градоначалнички мандати и никој не го промени знакот ’Добредојде во Скопје’, кој руиниран стоеше така со години. Печатената грешка веќе е коригирана, а Скопје доби нов знак како што доликува. И за да нема дилеми, корекцијата градот не го чини ништо и трошоците се на компанијата – изработувач која го постави преку ЈП Улици и патишта“, напиша Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.

Претходно опозициската СДСМ преку соопштение критикуваше дека со погрешниот билборд на кој коњот Букефал бил претставен со пет нозе, се нагрдил градот.

„Ова не е прв пат ВМРО да го унаказува главниот град. Познато е дека токму ВМРО, преку проектот Скопје 2014, го обезличи градот со стотици споменици, фасади од стиропор и лавови кои немаа никаква историска или естетска вредност. Сега, наместо вистинско уредување и инвестиции, добиваме уште една кампања со АИ-генерирани слики. Наместо реални резултати, ВМРО-ОКГ и Орце постојано прават кампањи. Сè е кампања, а резултати нема“, наведе СДСМ во соопштение.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ