понеделник, 20 јули 2026

Викенд-шпиц на граничните премини – на ГП Дојран километарски колони за Грција, излегле 22.000 патници од Македонија

Викенд метеж на граничниот премин “Дојран” е евидентиран денеска уште од раните утрински часови, потврдуваат одговорните од преминот, а за зголемена фреквенција на возила на истата граница за излез кон Грција, информираат и од Автомото сојузот на Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Од АМСМ велат дека времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути. На граничниот премин, за МИА потврдија дека колони од возила има од утрото, а сега полека метежот се намалува.

„Имавме неколкукилометарска колона, која сега е намалена. На македонска страна се чека од 20 до 30 минути, но на грчка страна застојот е двојно поголем. Најголема бројка на возила имаме во раните утрински часови, а истото го очекуваме и по 18 часот кога луѓето обично се враќаат. Од досегашното искуство вакви гужви имаме за време на викендите, особено во неделите, и на рамните датуми – 20 јули, 30 јули, 10 август, а секако има и за 1 август. Тогаш се прават смени во аранжманите и затоа овие датуми се критични“, велат од ГП “Дојран”.

Според податоците од Министерството за внатрешни работи, зголемена фреквенција е забележана и на ГП “Богородица” каде од вчера до денес на пладне излез од државата оствариле 6.100 македонски државјани, а влегле 2.022 македонски државјани. Во истиот период бројката на странски државјани кои ја напуштиле Македонија изнесува 15.871 лице, а влегле 7.878 патници.

На ГП Табановце, како што информираат од МВР од вчера до денес на пладне влегле 17.448 странски државјани, а државата ја напуштиле 14.872 лица, додека македонски државјани евидентирани на влез во државата се 9.958, а на излез 3.174.

„Од страна на МВР во функција се ставени сите човечки и технички капацитети за да се забрза протокот на патници, согласно задолжитенжлните гранични проверки“, велат надлежните.

Освен на дојранскиот граничен премин и на ГП “Табановце” каде времето на чекање за влез во државата, според информацијата од АМСМ, е околу 20 минути, на останатите гранични премини од македонска страна не се забележани подолги задржувања за влез и излез од државата.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ