Ако триумфира на денешниот меч, шпанската репрезентација ќе ја продолжи серијата без пораз на неверојатни 38 натпревари, што би претставувало нов светски рекорд во натпреварувачкиот фудбал.
Победата од 2-0 против Франција во полуфиналето беше 37. последователен натпревар без пораз за Шпанците во официјални натпревари, со што го израмнија рекордот на Италија, поставен во периодот од 2018 до 2021 година.
Сепак, доколку вечерва не бидат поразени во регуларните 90 минути, Шпанија со 38 натпревари без пораз ќе постави нов, импресивен рекорд.
Во текот на оваа извонредна серија, Шпанија ја освои титулата европски шампион во 2024 година, а сега има можност да ја заокружи својата доминација и оваа генерација да ја потврди како една од најуспешните во историјата на светскиот фудбал.





