понеделник, 20 јули 2026

Пет нозе, туѓо Кале и новата туристичка атракција: Скопје од паралелен универзум

Скопје доби нов билборд. Од типот на оние што велат „Добредојдовте“. Само не е многу јасно во кој град сте добредојдени.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Некогаш за да направиш билборд ти требаа фотограф, дизајнер, лектор, уметнички директор и неколку пара очи што ќе проверат дали сè е како што треба. Денес изгледа е доволно да напишеш неколку реченици во некоја алатка за вештачка интелигенција и да притиснеш „генерирај“. Или барем така изгледа.

Резултатот е Букефал со пет нозе, некое Кале што не личи на Скопското кале, малку чуден Камени мост и панорама што повеќе личи на измислен град отколку на главниот град на Македонија.

Од една фотографија не може со сигурност да се тврди дека билбордот е изработен со вештачка интелигенција. Можно е да е така, можно е да е лоша фотомонтажа, а можно е и да е комбинација од повеќе графички техники. Можеби е само производ на човечка креативност што решила да не се заморува со ситници како анатомија и географија. Но што и да е, резултатот е ист: официјален билборд полн со елементи што не одговараат на реалноста.

А проблемот не е дали на него има споменик на Александар Македонски или не. Тоа е политичка расправа што трае со години и секој има право на свој став.

Проблемот е што Скопје не личи на Скопје.

Кога негде ќе го ставиш Скопското кале, потруди се да биде Скопското кале побогу. Кога ќе го ставиш Букефал, изброј му ги нозете. Не затоа што туристи ќе ги бројат, туку затоа што изгледа дилетантски.

Вештачката интелигенција е одлична алатка. Денес со неа работат и најголемите светски маркетинг-агенции. Но никој што држи до себе не објавува материјал без да го провери човек. Токму затоа што алатките знаат да измислат дополнителни прсти, нозе, прозорци, мостови, куполи и цели згради што никогаш не постоеле.

Затоа, ако навистина е користена вештачка интелигенција, проблемот не е во неа. Проблемот е што никој не ја проверил.

Ако не е користена, тогаш проблемот е уште поголем. Тоа значи дека некој дизајнер, некој што го нарачал, некој што го одобрил и некој што го испечатил – никој не забележал дека коњот има пет нозе и дека Калето не личи на Калето. Низ целиот тој синџир не се појавил ниеден човек што рекол: „А бе луѓе, коњите имаат четири нозе.“

Во маркетингот постои едно едноставно правило: ако сакаш да го претставиш Париз, не цртај кула што личи на Биг Бен. Ако сакаш да го претставиш Рим, Колосеумот нека не изгледа како спортска сала. Значи ако сакаш да го претставиш Скопје, би било добро Калето да личи на Калето, а Букефал да остане цицач, а не стоногалка во развој.

Затоа што билбордот не е само парче платно. Тој е првата порака што Скопје му ја испраќа на секој што влегува во градот.

А ако првата порака е погрешна, што сакаме да кажеме? Дека веќе не ни е важно дали Скопје изгледа како Скопје – важно е само сликата да биде доволно впечатлива.

Па следниот билборд ќе има шест нозе.

И сите ќе расправаме дали шестата е патриотска или предавничка, наместо да прашаме зошто воопшто постои.

Р.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ