сабота, 16 мај 2026

Фајнанс тинк: Поскапувањето на нафтата повторно може да ги зголеми цените на храната

Иако цените на храната во моментов изгледаат релативно стабилни, растот на цените на горивата претставува сериозен ризик за нов бран поскапувања, особено кај производите и услугите со високи транспортни и енергетски трошоци. Тоа може повторно да ги крене цените на храната, предупредуваат од Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк (ФТ).

 

Објавено на

часот

Сподели

Според Институтот главниот ризик доаѓа од енергетскиот сектор, а особено од континуираното поскапување на дизелот низ Европа. Иако во април храната забележала месечен раст од само 0,7 проценти, експертите предупредуваат дека транспортните и енергетските трошоци со задоцнување ќе се прелеат врз цените на основните производи.

„Маслото за јадење веќе покажува чувствителност на растот на светските цени на нафтата, делумно и поради зголемената употреба на земјоделски суровини за биогорива. Податоците за почетокот на мај покажуваат дека цените на дизелот повторно растат низ Европа, и покрај тоа што дел од владите веќе интервенираа со намалување или ограничување на даночниот товар врз горивата. Тоа укажува дека актуелниот раст е доминантно придвижен од поскапувањето на нафтата и набавната цена на горивата на меѓународните пазари, а не само од домашните фискални политики“, велат од Фајнанс тинк (ФТ).

Оттаму предупредуваат дека доколку ваквиот енергетски притисок продолжи, веројатно е дека со задоцнување ќе почнат посилно да реагираат и цените на храната.

Економистите предвидуваат дека енергетскиот притисок со задоцнување ќе се пренесе и кај основните прехранбени производи.

“Во услови на продолжени геополитички тензии и нестабилни енергетски пазари, ризикот од ново разгорување на инфлацијата останува значителен. Сепак, не се очекува инфлациска динамика до нивоата од 2022 и 2023 година“, велат од ФТ.

Во графиконот објавен на нивната официјална веб страница, а врз основа на податоци од меѓународни институции, Македонија се наоѓа меѓу земјите со пониски цени на горивата во Европа.

Според графиконот, на 4 мај литар гориво во Македонија чинел 1,52 евра, што ја става земјата на четвртото место по најниска цена, веднаш зад Малта, Бугарија и Полска.

Извор: Фајнанс тинк

Во меѓувреме, Државниот завод за статистика објави дека трошоците за живот во април пораснале за 5,7 проценти на годишно ниво во споредба со април 2025 година, додека инфлацијата на месечно ниво изнесувала 1,3 проценти.

Извор: Државен завод за статистика

Индексот на цените на мало за април 2026 година се повисоки за 3,2 отсто, а на годишно за пет проценти.  Најголем годишен раст има кај алкохолните пијалаци и тутунот – 10,2 проценти, додека храната и безалкохолните пијалаци поскапеле за осум проценти. На месечно ниво, најголем удар има во секторот транспорт, каде цените скокнале за 10,1 процент. Цените на прехранбените производи во април 2026 година биле повисоки за 0,8 проценти во однос на март месец истата година. Најголемо зголемување има кај земјоделските производи, кои за еден месец се повисоки за 2,3 отсто, по што следуваат непрехранбените индустриски производи и тутунот кои пораснале за 1,8 проценти.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ