среда, 15 април 2026

За шест месеци во „Алкалоид“ се вработени 121 граѓанин

Објавено на

часот

Сподели

Акциите на Алкалоид АД Скопје котираат на официјалниот пазар на „Македонска берза за хартии од вредност” од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари-јуни 2021 година се движеше од 13.300,00 денари до 16.500,00 денари или просечно 14.738,30 денари за една акција, што претставува раст од 23,3% во споредба со просечната цена во истиот период од 2020 година. На 30.06.2021 година акциите на „Алкалоид” беа во сопственост на 5.054 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 22,2 милијарди денари.

Бизнис-планот за 2021 година, донесен со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, на Седницата одржана на 29.12.2020 година, предвидува инвестирање на околу 12% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 7% на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2020 година.

Бизнис-планот за 2021 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2021 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во Бизнис-планот.

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-јуни 2021 година, продажбите достигнуваат 4.788.760.106 денари, што е за 1% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 6.272.411.971 денари, што е за 3% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 7% додека, вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 1%. Од вкупните консолидирани продажби, 35% се остварени на домашен пазар, додека 65% се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20%, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 10%, а на другите пазари се остварени 1% од вкупните консолидирани продажби. Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Русија и другите земји од ЗНД (раст од 28%) и во земјите од Југоисточна Европа (раст од 3%).

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 88%. Од нив поголем удел имаат препаратите ОТЦ со удел од 20%, антибиотиците со 18%, кардиолошките препарати со 15%, невролошките препарати заземаат 14% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12% во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со 3%, козметиката со 7%, а билкарството учествува со 2%.

Вкупните инвестиции во основни средства, во периодот јануари-јуни 2021 година, изнесуваат 524.113.924 денари.

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.065.699.771 денари, бележи зголемување од околу 13%, додека единечната нето-добивка изнесува 588.962.195 денари и е зголемена за 12%.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.110.263.703 денари и бележи раст од 13%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 583.524.249 денари е зголемена за 14%.

При извршувањето на оперативните активности, Алкалоид ангажираше 1.055 домашни добавувачи.

Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на ковид-19. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во претстојниот период, врвен приоритет и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ