Посетителите, како што најавуваат организаторите, ќе имаат можност да купат свежи органски домати, пиперки, краставици, рукола, врвен органски јаболков оцет, маџун и кашкавал, да дегустираат превкусна храна и органско вино од мали семејни винарии за кои никогаш не ни чуле, а сето тоа да биде зачинето со добра музика, пријатна атмосфера и мини игротека за деца.
„Јавна соба во соработка со Добра земја – задруга, која ги претставува органските производители во Македонија и Бакалница.мк, компанија која застапува производители на месни, млечни производи, реши сите овие вкусови од Македонија да ги доближи до пошироката јавноста со цел да се разбие стигмата дека органското е скапо, неубаво на изглед и тешко достапно кај нас. Напротив, производителите на свежи и преработени органски производи во изминатите години напредуваа брзо благодарение на повисоката свест кај сѐ поголемиот број свесни луѓе кои разбраа дека конвенционалната храна содржи во себе огромен број на пестициди, кои знаеме што тие му прават на нашиот организам – го насочуваат кон фармацијата.
Факт е дека многу деца во Скопје сѐ уште немаат пробано вистинско непрскано јаболко или домат, кои на изглед ја немаат формата и сјајот како оние кои се десетина пати поминати со најразлични препарати, но по вкус и по хранливост, органските домати и јаболка се незаменливи“, велат организаторите во најавата за пазарот.
За нив, потребата од поголема афирмација и застапеност на пазарот на малите македонски производители е мотивација да помогнат секој еден органски продукт полесно да го најде местото до трпезите во цела Македонија и пошироко.
Инаку, „Добра земја“ е прва задруга на потрошувачи на органска храна која се залага за здрава животна средина, зачувување на биодиверзитетот, едукација и продажба на органска храна, а нивниот концепт е „Храна со лице“. Покрај постојната продавница во Скопје, оттаму најавуваат отворање и на е-продавница за локални исклучиво органски производи од врвен квалитет, секогаш свежи и сезонски.
Освен утрешниот пазар којшто ќе се отвори во 10 часот, таков пазар на органски производи ќе има и во наредните две саботи.







