„Иако овој летен период е ризичен за сите култури, сепак, најзагрозени се виновата лоза и овошките кои досега црпеа вода од подлабоките слоеви. Земјоделците трреба да ги користат сите капацитети за наводнување, за да спасат дел од производството“, велат агрометеоролозите.
Тие укажуваат дека нивото на водата во подлабоките слоеви е на многу ниско ниво, па така, доколку не се преземат мерки за наводнување, штетите ќе бидат неминовни.
Агрометеоролозите ја нагласуваат и опасноста кај пченката и сончогледот, како и кај градинарските култури на отворено каде приносите се очекува да бидат многу ниски, а на некои површини се оценува и дека воопшто нема да има принос.
„Ваквите или слични временски услови ќе се задржат и во текот на оваа недела, со температури кои ќе достигнуваат околу 37 степени, со услови за повремени локални врнежи од дожд, со количества кои воопшто не се очекува да ја сменат состојбата со сушата“, истакнуваат од УХМР.






