Според министерот, регионот одлично соработува.
„Транспортерите транзитираат непречено. На седницата на Владата во вторникот донесовме мерки за олеснување на транспортерите, посебно на возачите кои се изземени од протоколите на влез во државава, тоа е за домашните транспортери, но и за странските кои транзитираат. Правиме напори и преку зелените рути и коридори. Во целиот изминат период успеавме успешно да се справиме со овој аспект, зашто тие транспортери и транспортот на стока, на лекови и на храна, се одвиваше непречено и тие мораа да стигнат навреме таму каде се упатиле. Јас сум задоволен од досегашната соработка со целиот регион, зелените рути и тоа како профункционираа и верувам дека ќе продолжат со истото темпо, така што, во овој момент не очекувам дека транспортерите ќе имаат каков било застој или проблеми зашто, тие во најголем дел од земјите се изземени од најголем број пртоколи кои се за граѓаните“, изјави Бочварски.
Како што објасни, Владата веќе ја донесе мерката што ја побараа здруженијата на превозниците и на транспортерите, да се изземат од протоколот сите домашни превозници и транспортери кои се враќаат во државава, да не се обврзани на ПЦР или брз тест на границите, ниту да бидат во карантин седум дена, бидејќи се изолирани во своите возила.
„Тоа како мерка го преземаат и другите земји, а го презедовме и ние“, рече Бочварски.






