Меморандумите потпишани со претседателите на водечките бизнис асоцијации од овие две земји имаат за цел да поттикнат продлабочување и зајакнување на билатералната соработка меѓу Македонија со Турција и со Грција.
Стопанската комора на Северна Македонија и Унијата на комори и стоковна размена на Турција, во рамките на Турско-македонскиот трговско-индустриски форум, ќе работат на креирање заеднички иницијативи за подобрување на условите за инвестирање, на целокупната трговска соработка, како и подобрување на инфраструктурната поврзаност меѓу двете земји, што ќе иницира и зголемување на економската соработка во пост-ковид периодот кој е пред нас, истакна претседателот Азески на виртуелното потпишување.
Вкупната трговска размена со Република Турција, во периодот јануари – април 2021 година изнесува 224 милиони долари, што претставува раст од 42,3% споредено со истиот период од 2020 година. Извозот евидентира раст од 72,7%, додека увозот 35,8%. Во истиот период е остварен трговски дефицит од 128 милиони долари, а Турција е осми трговски партнер во надворешно-трговската размена на Македонија.

Меморандумот што претседателот Азески го потпиша со претседателот на Унијата на грчки комори и на Атинската комора за трговија и индустрии, Константинос Михалос, само ја верификува и зајакнува досегашната долгогодишна соработка што ја имаат двете најголеми бизнис асоцијации од двете земји. Ќе се работи на креирање Агенда за отворање нови перспективи во насока на зголемување на трговската размена, зголемување на инвестициите, како и подобрување на условите за работа на бизнис заедниците од двете земји.

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија во рамки на он-лајн верификувањето на меморандумот, посочи дека е чест да се соработува со најголемата деловна заедница од Грција. Политичката иницијатива ги покажува своите резултати, и се отвораат се повеќе можности македонските бизнисмени да бидат активни во Грција, но исто така за очекување е соработка на бизнис асоцијациите и компаниите на проекти, како и споделување на нивните искуства во нашите ЕУ активности.
Вкупната трговска размена на Македонија со Грција за периодот јануари – април 2021 година изнесува 292,2 милиони долари, со раст од 27,9% во однос на истиот период во 2020 година. Извозот евидентира раст од 17,27%, додека увозот од 31,5%. Трговски дефицит е 159,6 милиони долари, а Грција е четврти трговски партнер на Македонија.






