Во дискусијата за избор на в.д. претседател на Основен кривичен суд Скопје, по заминувањето на Иван Џолев во Апелациски суд, Судскиот совет го разгледа известувањето на координаторот Данка Ристова. Таа во образложувањето кажа дека процедурата за избор е спорна заради начинот на оценувањето и не се во целост усогласени одредбите за поставување на вд претседател. Нејзиниот предлог за вд претседател на Основниот кривичен суд Скопје на координаторот Ристова беше Даниела Димовска која беше поддржана со мнозинство гласови.
Судскиот совет на денешната седница разреши судии поротници во судот во Свети Николе, Основен кривичен суд Скопје и во Основен граѓански суд Скопје на кои им е истечен мандатот.
Советот изгласа и одлука за формирање на комисии за увид и оценка на пријавите по огласот за избор на претседатели на судовите во Дебар, Гостивар и Свети Николе кои ќе ја водат натамошната постапка.
По предлог на членот на Советот Селим Адеми и надлежен координатор, Судскиот совет донесе одлука со која на рок од една година се делегира судијата Драган Јаковлески од Основен суд Битола во Основен суд Прилеп.