среда, 13 мај 2026

Д-р Стојаноски: Централизацијата е погубна за македонското здравство

Централизацијата е погубна за македонското здравство. Мора да направиме регионализација и рамномерен регионален здравствен развој. Тогаш и листите на чекање ќе исчезнат. Тоа е моделот од Словенија, не треба многу да размислуваме, треба само да го прифатиме. Пациентот мора да добива ист квалитет на услуга и во местото од кое потекнува, изјави денеска директорот на Градската општа болница „8 Септември“, Синиша Стојаноски.

Објавено на

часот

Сподели

Пред една, една и пол година, посочи, не бев ни дел од менаџментот на оваа болница кога зборувавме за национална здравствена стратегија, ние не смееме да останеме на тоа сè да се централизира во Скопје.

„И во оваа болница, и во другите скопски болници, и во Клиничкиот центар доаѓаат пациенти од целата република. Листите на чекање се креираат на тој начин. Во некои од болниците во внатрешноста нема листи на чекање. Пациентите се насочуваат тука. Пациентот мора да добива ист квалитет на услуга и во местото од кое потекнува. Дали тоа ќе го направиме со ротација на персонал, дали тоа ќе го направиме со екипирање и на центри што се надвор од Скопје, ќе мора да седнеме и да се договориме. Само тогаш листите на чекање ќе се преполоват“, рече д-р Стојаноски.

Посочи дека не може да се очекува листата на чекање во ГОБ „8 Септември“ да се намали ако таму се пациентите од Струмица, Штип, Велес, цел исток, цел Запад, исто е и во Клиничкиот центар, како и на Клиниката по хируршки болести „Свети Наум Охридски“.

„Листите се креираат затоа што бројот на здравствен персонал не може да направи чудо. Толку се 24 часа во денот, толку е можноста да се направат оперативни интервенции. Во здравството недостига персонал, не недостигаат услови. Условите што ги гледате денеска само ќе бидат додадена вредност. Мораме кадровски да се екипираме“, истакна д-р Стојаноски одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на реконструираниот дел од болницата ГОБ „8 Септември“.

Додаде дека треба да се направи регионализација на услугите со ротација на персоналот и екипирање на центрите надвор од Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ