петок, 18 јули 2025

Бугарија одвојува пари за Бугарите во Македонија, Албанија, Србија, Косово, Украина и Молдавија

За спроведување на Програмата за поддршка на организациите на бугарската заедница во Албанија, Македонија, Србија, Косово, Украина и Молдавија во 2025 година бугарската влада за годинава одобри 1,3 милиони евра. Истовремено, бугарската фондација „Македонија“ во судскиот процес против Васил Стерјовски, претседателот на македонската партија во Албанија, тврди дека тие се финансираат од донации. Овој судски случај почна откако Стерјовски изјави за сериозна вмешаност на бугарската држава во пописот на населението во Албанија.

Објавено на

часот

Сподели

Недоамна бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев во одговор на пратеничко прашање изјави дека  Владата на Бугарија во најкраток можен рок ќе усвои нова програма за периодот од 2025-2029 година за зголемување на финансиските средства за помош на бугарските заедници во овие земји.

„Континуираните неприфатливи политики на кршење на правата на граѓаните со бугарски идентитет во Македонија ја потврдуваат постојната објективна потреба од финансиски обезбеден механизам за правна заштита и процесно застапување во случаи на политички мотивирани кривични гонења, манифестации на дискриминација, говор на омраза и злосторства од омраза врз антибугарска основа“, изјави Георгиев наведувајќи го судскиот процес против Љупчо Ѓоргиевски, поранешниот претседател на распуштениот клуб „Иван Михајлов“ во Битола.

Георг Георгиев

„Бугарската држава на највисоко институционално ниво е доследна во поддршката на Георгиевски. Министерството за надворешни работи внимателно го следи развојот на судскиот процес против него уште од неговото основање, пред повеќе од две години“, изјави министерот.

Во рамките на новата владина програма Бугарија предвидува постепено годишно зголемување на финансиските средства предвидени за поддршка на бугарските заедници во државите опфатени со програмата,

Во Основниот суд во Корча во тек е судскиот случај по тужбата поднесена од фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија, против единствената партија на Македонците во Албанија – Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ). Адвокатите на фондацијата „Бугарска меморија“ пред судот тврдат дека МАЕИ со официјален допис до албанскиот државен врв и меѓународните институции побарала забрана на активностите на оваа фондација, при што, според нив, ја наклеветила дека „корумпира албански функционери со цел асимилација на Македонците” како и дека учествува во создавање „криминална група поврзана со бизнисот со бугарски пасоши, издавање лажни потврди и влијание врз пописот на населението во Албанија”.

Фондацијата бара од МАЕИ оштета во висина од 10.000 евра и јавно извинување, тврдејќи дека е добротворна организација која преку донации помага, без никакви асимилаторски цели.

Васил Стерјовски

Претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски, пред судот посочи дека фондацијата, иако се претставува како добротворна, всушност е „инструмент на бугарската држава за асимилација на македонското малцинство во Албанија”. Тој нагласи дека сите активности на фондацијата во земјата се реализираат во „тесна координација со бугарската влада, Министерството за надворешни работи на Бугарија и бугарската амбасада во Тирана”.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ