понеделник, 23 јуни 2025

Билатерална соработка со Франција и поддршка за европските интеграции – во фокусот на посетата на Муцунски во Париз

Во рамки на работната посета на Париз, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари одделни средби со претседателката на интерпарламентарната група за пријателство Франција – Западен Балкан, сенаторката Марта де Сидрак, и со советникот на францускиот претседател Емануел Макрон за континентална Европа и Турција, Бертран Бишвалтер.

Објавено на

часот

Сподели

На средбата во францускиот сенат беше истакнато значењето на парламентарната дипломатија во градењето на стабилни и севкупни односи меѓу двете земји. Се разговараше за европската перспектива на Македонија и регионот, како и за можностите за унапредување на парламентарната соработка и продлабочување на политичките и економските врски. Посебен акцент беше ставен на доследната поддршка од француска страна за македонските евроинтеграции.

На средбата со советникот Бишвалтер беа отворени прашања од заеднички интерес, вклучително и актуелните геополитички предизвици во Европа, важноста на регионалната соработка, партнерството и придонесот на Република Македонија во рамките на НАТО, како и понатамошното јакнење на соработка во контекст на европската и регионалната стабилност.

Министерот Муцунски ја реафирмираше стратешката ориентација на државата кон членството во Европската Унија, како и континуираната посветеност на реформските процеси и на добрососедските односи. Воедно, беше потврдена значајната улога на Франција како силен поддржувач на европската перспектива на Македонија и на регионот, со цврста определба оваа поддршка да продолжи со несмален интензитет и во наредниот период.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ