Книгата е составена од четири дела: „Македонскиот дел од пеколот и од рајот: како понатаму?“, „Предизвици во науката“, ,„Интервјуа“ и „Македонскиот манNoифест“. Во аналитичките и студиозни текстови, Коцарев ги поставува прашањата: „Како/Што понатаму?“ и „Кои се нашите предизвици?“, што зборува, од една страна, за неговата загриженост поврзана со повеќедецениската криза во Македонија и, од друга страна, за неговиот обид за изнаоѓање решенија за излез од кризата и за опстојбата на Македонија.
Во предговорот кон изданието, авторот ја искажува и својата скепса за нашето битисување, констатирајќи дека:„ По неброено изречените слова и понудените решенија, признавам не сум оптимист. Ќе најдеме ли сили да ја спасиме Македонија од разнебитување? За жал, во моментов, не можам да дадам позитивен одговор. Време е да се обединиме, време е да престанеме да се бориме меѓу себе, туку против корупцијата, дивеењето, алчноста, нечесноста, сервилноста на сите владејачки гарнитури, какви и да биле: леви, десни, шарени, еднобојни, во центарот, на периферијата“.
Академик Љупчо Коцарев е актуелен претседател на МАНУ, редовен професор на УКИМ – Скопје и истражувач во рангот на редовен професор на Универзитетот Калифорнија, Сан Диего од 1998 до денес. Бил дел од академскиот тим на Универзитетот Калифорнија (Беркли).
Автор е на над двесте научни студии објавени во педесетина списанија во природно-математичките науки, техничко-технолошките, општествените и во хуманистичките науки. Изумител е на шест патенти, одобрени и патентирани во Америка и Европа. Неговите истражувања се финансирани од повеќе научни агенции во Америка (NSF, AFOSR, DoE, NIH, ONR), во Европската Унија (TEMPUS, FP6, FP7, Horizon 2020), во Германија (DAAD, DFG), како и од индустријата (STMicroelectronics).
Добитник e на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката.
Коцарев спаѓа во редот на водечките два проценти светски научници од сите научни области на сите времиња, согласно тимот на Универзитетот Станфорд во САД (2020, 2021).






