вторник, 23 јуни 2026
Жидас Даскаловски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Каков изборен модел ѝ е потребен на Македонија? (2)

Една изборна единица – инклузивност наспроти фрагментација (анализа на симулациите за парламентарните избори од 2002 до 2024 година)

Во македонската јавна дебата, „една изборна единица“ често се претставува како речиси готово решение за поголема демократичност и поправична застапеност на помалите партии. Но преминот од шест изборни единици кон една национална единица не гарантира ист исход од изборите. Резултатот зависи и од формулата според која гласовите се претвораат во мандати, како и од евентуалниот законски изборен праг.

Зошто големината на изборната единица е клучна

Големината на изборната единица, односно бројот на мандати што се распределуваат во неа, е еден од најсилните институционални инструменти за определување на степенот на пропорционалност. Колку повеќе мандати се распределуваат во една единица, толку е понизок фактичкиот, односно природниот праг за освојување пратеничко место.

Кога целата територија на државата претставува една изборна единица и во неа се распределуваат сите 120 мандати, шансите на помалите партии се зголемуваат во споредба со системот од шест единици со по 20 мандати. Таквиот модел особено им одговара на партии чија поддршка е рамномерно распределена на национално ниво, но не е доволно концентрирана во ниту еден регион за да го надмине фактичкиот праг, кој во сегашниот систем често се движи околу 4 до 5 проценти во одделна изборна единица.

Една единица со Д’Хонт: поголема, но не и значајна инклузивност

Симулациите за парламентарните избори од 2002 до 2024 година покажуваат дека преминот кон една изборна единица би ја зголемил инклузивноста, но не секогаш во обемот што се очекува во јавната дебата. Доколку се задржи Д’Хонтовата формула, вкупниот број листи што би освоиле најмалку еден мандат во осумте изборни циклуси би се зголемил од 49 на 67. Просекот по изборен циклус би пораснал од 6,1 на 8,4 листи.

Најголемата промена би се случила на изборите во 2006 година, кога бројот на застапени листи би се зголемил од 8 на 12. Тогаш политичката сцена беше пофрагментирана, а повеќе помали партии настапуваа самостојно и располагаa со релевантна поддршка.

Изборите во 2024 година, меѓутоа, покажуваат поинаква слика. Една изборна единица со Д’Хонтова формула не би го променила бројот на застапени листи: во Собранието повторно би влегле истите шест листи. Причината е што малите партии што настапија самостојно, а не освоија мандат, добија премалку гласови — под 0,5 проценти од важечките гласови — за да го достигнат природниот праг дури и во национална изборна единица. Оттука, една изборна единица сама по себе не е гаранција за парламентарен влез на секоја помала партија.

Формулата ја определува длабочината на реформата

Доколку целта е максимална застапеност на различните политички и општествени струи, тогаш мора да се разгледаат и други формули за распределба на мандатите. Според симулациите, најголема инклузивност би обезбедил Данскиот метод во една изборна единица. Збирно, во осумте изборни циклуси, 101 листа би освоила најмалку еден мандат, односно просечно 12,6 листи по избори. Во 2002 година во Собранието би биле застапени 16 листи, а во 2006 година дури 19.

Следуваат Херовата квота, со збирно 97 застапени листи, и Друповата квота, со 96. Кај овие системи преостанатите мандати се распределуваат според најголемите остатоци, што им дава поголема можност на листите кои не достигнале цела квота, но имаат релативно висок остаток од гласови. Затоа тие, по правило, се поповолни за помалите политички субјекти од Д’Хонтовата формула.

Што би се добило со поголема пропорционалност?

Најважната придобивка од една изборна единица со попропорционална формула би била попрецизното претворање на гласовите во мандати. Би се намалил бројот на гласови што не придонесуваат за освојување пратеничко место, а би се ограничиле и таканаречените мандатни „бонуси“ на најголемите партии, кои во сегашниот систем можат да добијат повеќе пратенички места од она што строго би произлегло од нивниот удел во гласовите на национално ниво.

Тоа би ја променило и предизборната и постизборната динамика. Помалите партии би имале поголем поттик да настапуваат самостојно, наместо однапред да се приклучуваат кон големите коалиции само за да обезбедат парламентарна застапеност. Големите партии, пак, почесто би морале да обезбедуваат поддршка преку постизборни преговори и програмски договори. Со тоа би можела да се зајакне видливоста на помалите политички опции и нивната преговарачка автономија.

Ризикот од прекумерна фрагментација

Поголемата инклузивност, сепак, има и своја цена. Во изборни циклуси со голем број мали, идеолошки разновидни или ад хок формирани листи, Данскиот метод или Херовата квота би можеле да создадат Собрание со многу парламентарни субјекти. Податоците за 2002 и 2006 година покажуваат дека бројот би можел да достигне 16, односно 19 листи односно партии.

Таквата фрагментација сама по себе не мора да значи политичка нестабилност. Нејзините последици зависат од коалициската култура, дисциплината на партиите и способноста за постигнување програмски компромиси. Но во услови на ограничена практика на меѓупартиска соработка, многу фрагментирано Собрание може да го усложни формирањето и одржувањето на парламентарно мнозинство, да ги продолжи владините преговори и да ја зголеми можноста за блокади и предвремени избори.

Клучната дилема: како да се постигне рамнотежа?

Симулациите водат кон два важни заклучоци. Прво, преминот кон една изборна единица генерално ја зголемува инклузивноста, но неговото дејство зависи од реалната поддршка на помалите партии. Второ, математичката формула може да има речиси исто толку силно влијание колку и бројот на изборните единици. Една национална единица со Д’Хонт не создава ист партиски систем како една единица со Сент-Лаги, Данскиот метод или Херовата квота.

Затоа вистинското реформско прашање не е само дали Македонија треба да стане една изборна единица, туку каква комбинација од изборна единица, формула и законски праг може да обезбеди доволно широко претставување без прекумерно да ја отежне политичката управливост. Прашањето за изборниот праг и можниот компромис меѓу инклузивноста и стабилноста ќе биде разгледано во третиот дел од анализата.

Жидас Даскаловски

Кaков изборен модел ѝ е потребен на Македонија? (1)

КОЛУМНИ

Рубин Земон

Кој има право да одлучува кои сме што сме?!

Џефри Д. Сакс

Марко Поло: Патување за мир, култура и одржлив развој

Славе Димитров

Црната кутија на авторското право – институционална парализа и профитабилен хаос

Жидас Даскаловски

Кaков изборен модел ѝ е потребен на Македонија? (1)

Ристо Цицонков

Многу капитални инвестиции во транспортот, а малку за енергетика

Билјана Ванковска

Поканета да зборувам, непожелна кога мислам: академскиот пат на една непослушна...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ