среда, 9 октомври 2024
Законот изменет по итна постапка

Возачките дозволи без „северна“ ќе важат до крајот на годината

Собранието попладнево едногласно со 89 гласа „за“ и едногласно според Бадентеровиот принцип, ги донесе измените на Законот за безбедност во сообраќајот. Според предлогот што беше потпишан од повеќе пратеници како предлагачи, возачките дозволи со старото име на државата сега имаат важност до 31 декември годинава, а не како што е наведено во законот донесен во 2021 година, според кој, овие документи се со важност до денеска. Итната седница и итниот предлог беа закажани откако се увиде дека е направен превид и не е забележано дека на граѓаните ќе им се ускратат основните граѓански права на слобода на движењето.

Објавено на

часот

Сподели

Димитар Апасиев од Левица вели дека денешното законско решение не е потребно и дека проблемот со личните документи, всушност, и онака беше решлив.

„Станува збор за наметнато прашање без законска поткрепа имајќи предвид дека станува збор за квислиншка одлука на Зоран Заев, без потпис од претседателот на Македонија. Носевме измени на закони и измени врз основа на непостоечки закони – тоалетна хартија. За личните карти ќе кажам дека според важечкиот закон за лична карта во член 5 вели дека содржи назив Република Македонија, а не Северна. Кога сакаа да го сменат овој закон, јас и Борислав Крмов го блокиравме тој закон. И покрај убедувањата, не ја тргнавме блокадата. Но министерот Спасовски потоа донесе правилник, со кој спротивно на тој закон и член 5, го внесе терминот Северна. Уставната судијка Кацарска во фиока го држи нашето оспорување на правилникот, бидејќи знае дека е неуставно. Кога – тогаш Спасовски ќе одговара кривично“, рече Апасиев, потенцирајќи дека Спасовски се повикал на закон претумбан со правилник од времето на Гордана Јанкуловска, од 2017 година.

Апасиев рече дека наместо да се донесе правилникот во рок од 7 дена, Спасовски го донел во рок од дури 7 години и дека со самото тоа не важи. Тој им се обрати на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ:

„Вашиот технички министер ‘Спасовски’ од ДПМНЕ сега нека го поништи правилникот на министерот Спасовски и нема потреба од носење на законска измена. Го повикувам сегашниот министер да го поништи правилникот на Спасовски и ќе нема потреба од закон за личните карти“.

Гордана Силјановска Давкова реагираше дека техничкиот министер е врзан со потпис на дополнителниот заменик-министер од СДСМ.

Таа изрази разочарување од изјавата на претседателот на Македонија, кој, како што рече, ги теши граѓаните, наместо да реагираше навреме.

„Требаше тој да реагира и да ја потсети Грција на обврската дека во овој дел има една реченица – по истекот на пет години од стапувањето во сила на Преспанскиот договор и по отворањето на првото поглавје од преговорите со ЕУ. Значи не само Грција, туку и ЕУ го крши овој договор. Бевме убедувани дека власта во овие пет години ќе ги преземе сите потребни чекори, но тоа фамозно мнозинство значи дека попусти ќе беа наши предлози за измени на законот. И техничкиот министер не може да ја спаси ситуацијата од тоа што министрите Османи и Спасовски го направиле врз основа на штетниот договор“, рече Силјановска Давкова нагласувајќи дека станува збор за срамни ситуации во кои западна државата.

Инаку, законските измени се по предлог на Никола Мицевски, Мартин Костовски, Вјолца Адеми, Аднан Незири, Димитар Апасиев и Павле Трајанов, а беа поддржани од сите пратеници присутни во салата.

„Целта на измените е изнаоѓање брзо решение за проблемот со личните документи. Во интерес на граѓаните и со цел нивно ослободување од дополнителен притисок и хаос, преку меѓусебен консензус сите координатори од партиите дојдоа до заедничко решение, на оваа седница да предложат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, по скратена постапка. Се работи за мали измени, односно одредбата во која стои 12 февруари 2024 (денес), се менуваа со 31 декември 2024 или до крајот на годината. Сметаме дека ова законско решение ќе овозможи намалување на долгите редици чекања. Со оглед на кратките рокови и непознаниците кај граѓаните, би апелирал до политичките субјекти во и надвор од Собранието, да не ја злоупотребуваат темата зашто во овој момент треба да се најде брзо решение за личните документи на граѓаните“, истакна координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицевски.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ