среда, 29 мај 2024

Изелезе од печат книгата „Блаже Конески – македонски тестамент“ од Свето Стаменов

Од печат излезе книгата „Блаже Конески – македонски тестамент“ на политиколог, новинар и публицист Свето Стаменов. Книгата е своевидна збирка на радио-разговори реализирани на брановите на Македонското радио – Радио Скопје во чест на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески – основоположник на современата македонска култура.

Објавено на

часот

Сподели

На 590 страници Б-5 формат објавени се 37 интервјуа со истакнати македонски и странски универзитетски професори, лингвисти, слависти и македонисти – врвни познавачи на животните и творечки врвици на Блаже Конески, од кои 28 беа реализирани во текот на 2021 година – Годината во чест на Конески, во рамките на редовните програми „Актуелно“ и „Радио спектар“ на Македонското радио – Радио Скопје, а девет разговори беа реализирани во годините пред Годината во чест на Конески, односно во периодот од 2017 до 2020 година во авторскиот проект „Quo vadis“ и во програмата „Актуелно“.

Во книгата со свои видувања за животните врвици и дело на Блаже Конески се застапени проф. д-р Васил Тоциновски, две интервјуа, проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ, четири интервјуа, проф. д-р Искра Пановска Димкова, проф. д-р Лидија Тантуровска, Тони Гламчевски, проф. д-р Атанас Вангелов, проф. д-р Ана Витанова Рингачева, проф. д-р Димитар Пандев, седум интервјуа, академик проф. д-р Влада Урошевиќ, проф. д-р Златко Крамариќ, проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, две интервјуа, проф. д-р Елена Јованова Грујовска, проф. д-р Људмил Спасов, пет интервјуа, проф. д-р Лилјана Макаријоска, проф. д-р Ана Мартиноска, проф. д-р Агим Пољоска, проф. д-р Трајан Гоцевски, проф. д-р Максим Каранфиловски, проф. д-р Милан Јазбец, доц. д-р Бобан Карапејовски, д-р Славчо Ковилоски и Атанас Конески.

Покрај тоа, книгата, која излезе со финансиска поддршка на Министерстото за култура, е збогатена и со рецензиите на проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ, проф. д-р Димитар Пандев, проф. д-р Милан Јазбец, Љубен Конески и доц. д-р Бобан Карапејовски.

„Блаже Конески – македонски тестамент“, авторот ја посветува во знак на огромна благодарност и вечен спомен на неговата животна сопатничка Искра Чоловиќ, доајен на македонското спикерство, новинар и истакнат македонски публицист, автор и коавтор на 14 книги.

Инаку, Свето Стаменов, како свој прилог кон сеопштото одбележување на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, во 2021 – годината во чест на Конески, заедно со проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ ги приреди зборниците на трудови „Навраќање кон Конески“ и „Уште едно навраќање кон Конески“, во кои беа објавени осумдесетина трудови на македонски и странски автори посветени на ликот и делото на великанот Блаже Конески. На стогодишнината од раѓањето на Конески беше посветена и неговата двотомна книга „Јазикот – нашата единствена комплетна татковина“, која содржи 50 интервјуа посветени на македонскиот современ јазик.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ