вторник, 12 ноември 2024

Рено 4 се врати во форма на електрично возило со ретро шмек (ФОТО+ВИДЕО)

Осум милиони! Толку „четворки“ продаде Рено во повеќе од 100 земји во текот на 30-те години производство на оригиналниот модел.

Објавено на

часот

Сподели

Претставен во 1961 година, овој спартански и економичен модел беше задоцнет одговор на „спачекот“ 2ЦВ на Ситроен, но сепак постигна огромен комерцијален успех низ целиот свет.

Преживеа до 1994 година, кога веќе го прегази времето, а сега официјално се врати.

Сепак, не треба да се смета за директен наследник на старата „четворка“, бидејќи тоа повеќе не е соголен хечбек како првата верзија.

Пред неколку години беше најавен со концептот 4евер трофи, а продукцискиот модел е во суштина кросовер верзија на препородениот рено 5, кој дебитираше на почетокот на годината.

Освен дополнителните заштитни елементи на надворешноста, кои сугерираат теренски способности, уште еден практичен детаљ е платнениот покрив кој се отвора и го повикува духот на оригиналната „четворка“.

Рено 4 има коцкеста каросерија слична на оригиналот.

Францускиот произведувач на автомобили вложил напори за префрлање на некои визуелни детали кои ги памтиме од стариот модел, како предните и задните светла на пример.

Вратата на багажникот, како таа на класичниот модел, е продолжена до долниот дел на каросеријата за дополнителна практичност, за да се олесни ставањето и вадењето предмети.

Со должина од 4,14 метри, препородениот рено 4 е позициониран меѓу моделите клио и каптур. Ширината на возилото е 1.8 метри, а висината 1,57. Растојанието од тлото е 18 сантиметри.

Внатрешноста изгледа познато, имајќи предвид дека во голема мета е пренесена од рено 5.

Бидејќи кросоверот е поголем, багажникот нуди сосема солидни 420 литри, што е значително повеќе од Р5.

Покрај тоа, меѓуоскиното растојание е продолжено на 2,62 метри, па има повеќе простор за нозете на патниците одзади.

Инструмент таблата има 10,1-инчен дигитален екран пред возачот и 10-инчен дисплеј чувствителен на допир во средината.

За среќа, сè уште ги има физичките команди за климата под централните вентилациски отвори.

Бидејќи ја има истата механичка платформа како Р5, новата ретро „четворка“ се нуди со слични мотори. Станува збор за електромотор во две верзии – со 122 коњски сили и со 150 коњски сили.

Ако се одлучите за посилниот мотор, на рено 4 е-тек ќе му бидат потребни помалку од осум и пол секунди да достигне 100 километри на час. За забрзување од 80 до 120 км/ч ќе му бидат потребни помалку од седум секунди.

Достапни се две големини на батерии, од 40 и 52 киловат часови. Рено ја проценува максималната автономија на 400 километри со поголемата, и на 300 километри со помалата батерија.

По претставувањето пред посетителите на саемот за автомобили во Париз, новиот Р4 ќе почне да се продава во Европа следната година. Цените ќе бидат објавени подоцна.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ