„Ѓаволите“ се прикажаа во добро светло во првиот натпревар по отказот на Ерик тен Хаг, со Ван Нистелрој како привремено решение на клупата, Манчестер јунајтед го совлада Лестер со 5-2.
Касемирo го отвори резултатот со „голазо“ од 25 метри, Гарначо зголеми на 2-0, а Ел Канус ја врати неизвесноста и намали на 2-1 во 33. минута од мечот.
Потоа следуваа два нови гола на домаќините, Фернандеш реализираше за 3-1, а Касемиро со својот втор погодок донесе 4-1. Сепак ова не беше се од збиднувањата во првото полувреме, во третата минута од судиското надополнување, Коди намали на 4-2.
Во продолжението од мечот имаше далеку помалку возбудувања, единствениот гол беше дело на Бруно Фернандеш по еден час игра.
Пласман понатаму во Лига купот обезбеди и Ливерпул кој славеше против Брајтон со 2-3. Арсенал беше сигурен на гостувањето кај Престон и триумфираше со 0-3, додека пак Њукасл му се реваншираше на Челси и го совлада со 2-0.
Кристал Палас беше подобар од Астон Вила со 1-2, додека пак Тотнем со истиот резултат на домашен терен го совлада Манчестер Сити.