сабота, 27 јули 2024

Во родната куќа на Даме Груев во Смилево денеска почнува „Смилевски конгрес“

Во демирхисарското село Смилево денеска и утре првпат ќе се одржува манифестацијата „Смилевски конгрес“. Се работи за нова Национална установа под Министерство за култура, која од оваа година почнува со работа. Манифестацијата е оформена со цел афирмација, претставување и прославување на културното и историското минато на село Смилево, Смилевски конгрес, Даме Груев и Македонија. На Смилевскиот конгрес 1903 година била донесена одлуката за кревање на Илинденското востание како борба против османлиската власт.

Објавено на

часот

Сподели

Главната програма на манифестација „Смилевски конгрес“ ја сочинуваат две фестивалски вечери. Првата вечер именувана „Омаја“ е насочена повеќе кон традиционалниот аспект на манифестацијата, каде традицијата е во служба на наративот, а никогаш чисто покажување на техника.

Првиот мултидисциплинарен настан од фестивалската вечер „Омаја“, во форма на музички и визуелни колоритни творби, ќе се обиде да ги детерминира и да приложи одредена поетика за трите суштински аспекти на проектот: музички, визуелен и изложбен.

Вториот дел од фестивалската вечер „Омаја“ замислен како прослава и славење на основањето на манифестацијата ќе биде одбележан преку музички концерт. Некои од уметниците ќе направат музички современ осврт на познатата песна „Смилево славно в оган гори“. Целиот настан, преку ХНУ (истражувачко студио за храна, наука и уметност), ќе биде поддржан со кулинарските способности на некои уметници: уметниците готват специфични рецепти од нивната кујна и кулинарски навики за публиката.

„Ритам и плетка“ е концептот на втората фестивалска вечер, која повеќе е насочена кон современиот аспект на манифестацијата. Во втората фестивалска вечер ќе настапат меѓународни изведувачи и македонски автори чии фокус е во современиот концепт на авторската уметност со нитки од традицијата, каде традицијата е во служба на наративот а не во чисто покажување на виртуозна техника или директна разголена естетика.

Организторите најавија дека ќе има и бесплатен автобуски превоз од Битола до Смилево. Автобусите кон Смилево ќе тргнуваат во 18 часот од главната автобуска станица во Битола, додека за назад е организран превоз во 1 часот по полноќ и тоа на двата фестивалски денови, 17 (денеска) и 18 (утре) мај.

Смилевски конгрес е конгрес на Битолскиот револуционерен округ одржан од 2 до 7 мај 1903 во село Смилево, демирхисарско. На овој конгрес бил ставен крај на полемиките околу прашањето за востание и било решено да се крене востание во Битолскиот револуционерен округ, а со тоа и во цела Македонија и Одринско. На 2 август 1903 година започна Илинденското востание како борба против османлиската власт.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ