сабота, 27 јули 2024

Изложби на Петра Јовановска во Ресен и во Хомутов, Чешка

Во Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен во тек е самостојната изложба на ликовната уметница Петра Јовановска под наслов „Друг агол на погледот“. Гости на изложбата се ликовните уметници Михал Дубницки од Чешка и младиот автор Рафаел Ристовски од Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Изложбата ја отвори Андреа Штајнер Вотавова, заменичка на амбасадорот на Чешка и Васко Василевски, директорот на Домот за култура „Драги Тозија“ во Ресен.

Јовановска презентира новосоздадени дела изработени во комбинирана техника, акрил на платно. Дубницки се претставува со неколку дела изработени во техника акрил на платно. Ги обработува темите од лична природа, кои ги апстрахира и доведува до еден минимлистички поглед и контекст од ликовен аспект. Младиот автор Рафаел Ристовски изложи фотографии, манупулации со цел да создаде погледи и ликовни дела на тема град, која веќе некој период ја истражува. Ја одбрал урбаната природа, со која сме секојдневно опкружени и која на некој таинствен начин ниту ја забележуваме.

Петра Јовановска долго во своето ликовно творештво го истражува кругот. Кругот во своето творештво го доживува како духовна пракса, која има едноставни и цврсти правила. Круг содржи едноставност, чистота и воедно и сериозност.

Јовановска се занимава со сликарство и графика, и често ги комбинира овие две ликовни дисциплини, за да долови посакуваниот краен резултат. Гради визуелна и естетска традиција, ги обработува темите како одлука, спојување, поново наоѓање.

Во содржинска смисла делата поседуваат многу автобиографски предзнаци, со многубројни прашања од лична природа.

Во галеријата Лураго во Хомутов, Чешка, во тек е друга изложба на Јовановска „Дијалог II“. Петра Јовановска го продолжува ликовниот дијалог со колегата Кршиштоф Бартник од Полска. Таа со своите ликовни дела кои се создадени со имплементација на македонскиот јазик направи обид за еден ликовен дијалог во Чешка, место кое го посетиле Св. Кирил и Методиј и каде овие наши просветители играат значајна историска улога. Петра Јовановска подолг период ги истражува геометриските облици, се води со нивната симболика, ги користи различните ликовни техники, честопати ги спојува да го дојде до саканиот ефект. Авторката со визуелно истражување прави обид за доловување на амбивалентност на присутност и неприсутност на физичко битие. Во содржинска смисла делата поседуваат многу автобиографски предзнаци, со многубројни прашања од лична природа. Со користење на македонскиот јазик, како еден линеарен ликовен израз ја надградува својата визуелна перцепција, се обидува да ја истражи ликовната емоција и да ѝ даде една видлива содржина. Како графичар по вокација ги користи графичката техника, како што е сув печат. Исто така тежнее и кон дигитална графика и често пати ги спојува во еден полиптих. Се обиде да создаде еден ликовен дијалог со квадратот, централниот елемент во творештвото на колегата Кршистоф Бартник.

Секој изложбен простор е за неа нов предизвик за нова ликовна игра, нова ликовна приказна, каде многу битен момент е самата селекција и начинот на инсталација на ликовните дела. Ликовното истражување на геометриските облици за Петра Јовановска станува ликовна игра со многу варијации, а со користење на македонскиот јазик ликовниот дијалог станува бескраен.

Петра Јовановска е родена во Чешка, има завршено ФЛУ. во Скопје, смер графика. Таа е ликовен уметник, организатор, куратор и координарор на многубројни ликовни проекти, а досега има реализирано 70 самостојни изложби (во Чешка, Македонија, Франција, Словенија, Германија, САД, Полска, Хрватска, Босна и Херцеговина…), добитник е на бројни награди и учествувала на многубројни меѓународни ликовни симпозиуми и колонии.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ