Американскиот претседател им предложи на двете страни да останат таму каде што се и да почнат преговори, изјави Зеленски пред новинарите за време на кратката посета на Осло.
„Мислам дека тоа беше добар компромис, но не сум сигурен дека Путин ќе го поддржи, и тоа му го кажав на претседателот“ Трамп, додаде тој.
Во последните денови Трамп врши притисок врз двете завојувани страни да ги прекинат непријателствата и им предложи на Украина и Русија „веднаш да сопрат на сегашната линија на фронтот“.
Сепак, напорите за прекин на конфликтот во Украина кој почна во февруари 2022 година се чини дека повторно се во ќорсокак.
Минатата недела Трамп објави дека ќе се сретне со Путин во следните две недели во Будимпешта, но вчера кажа дека средбата со рускиот претседател е одложена, објаснувајќи дека не сака да има „залудна средба“.
Сепак, денес Русија објави дека подготовките за средбата меѓу двајцата претседатели продолжуваат.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека подготовките за средбата во Будимпешта меѓу Трамп и Путин сè уште се во тек.






