Вилкс патувал во необележано полициско возило, кое се судрило со камион кај гратчето Маркарид на југот на земјата, пишува Би-би-си повикувајќи се на локалните медиуми.
Двајца полицајци исто така загинале, а возачот на камионот е повреден.
Возилото во кое бил Ларс наводно со полна брзина излетало во спротивната лента за да претекне друго возило и се судрило со камионот. Двете возила се запалиле.
Вилкс, кој имаше 75 години, живееше под заштита поради заканите со смрт што ги доби откако ја објави карикатурата на пророкот Мухамед, која навреди многу муслимани низ целиот свет.
Неговата карикатура беше објавена една година по сличните карикатури на Мухамед објавени во Данска.
Цртежот на Вилкс предизвика гнев и тогашниот премиер на Шведска Фредерик Рајнфелт се состана со амбасадорите на 22 држави со мнозинско муслиманско население во обид да ги смири тензиите.
Кратко време по објавувањето, Ал каеда во Ирак ја уцени главата на Вилкс на 100.000 американски долари.
Американка позната како „Џихад Џејн“ беше осудена на 10 години затвор бидејќи планирала да го убие шведскиот уметник.
Вилкс во 2015 година учествуваше во дебата за слободата на говорот во Копенхаген, која беше цел на оружен напад. Тој тогаш рече дека целта на нападот веројатно бил тој, а во него загина еден филмски режисер.






