Талибанците освоија осум покраински главни градови во Авганистан за шест дена, со брзина што ги изненади американските власти.
Талибанците сега контролираат 65 проценти од авганистанската територија и се закануваат дека ќе освојат уште 11 провинциски центри, изјави во вторникот европски претставник.
Американската разузнавачка заедница до минатиот месец предупредуваше дека авганистанската влада би можела да падне за помалку од шест месеци.
Американски официјален претставник, кој сакаше да остане анонимен, рече дека новата проценка е направена откако талибанците освоија големи делови од Авганистан со изненадувачка брзина.
„Но, тоа не е конечниот заклучок“, рече тој, нагласувајќи дека авганистанските сили имаат шанса да го запрат талибанскиот продор.
Американскиот претседател Џо Бајден во вторникот изјави дека не жали за одлуката за повлекување на американската војска од Авганистан по повеќе од 20 години, велејќи дека авганистанската војска има многу повеќе војници од талибанците и дека треба да сакаат да се борат.
САД ги повлекоа сите војници од Авганистан, освен оние што ја штитат американската амбасада и аеродромот во Кабул. Воената мисија таму официјално завршува на 31 август.






