Њујоршкиот оддел за јавно здравје ќе издаде наредба со која ги обврзува сите 148.000 вработени во најголемиот американски школски округ до 27 септември да примат барем една доза од вакцината, кажа Де Блазио. Во Њујорк училишната година почнува на 13 септември.
„Сакаме нашите училишта да бидат исклучително безбедни во текот на целата година“, изјави градоначалникот.
Меиша Портер, директорката на јавните училишта во Њујорк, кажа дека барем 63 отсто од вработените се вакцинирани против ковид-19.
Вработените во училиштата во Чикаго, Лос Анџелес и државата Вашингтон исто така добија наредба да се вакцинираат.
Претходно месецов, Њујорк бараше доказ за вакцинација против ковид во рестораните, салите за вежбање и други локали. Таа одлука предизвика незадоволство на сопствениците на некои продавници и дел од жителите кои го тужеа Ди Блазио.
Последната директива би можела да предизвика отпор на моќните синдикати кои ги застапуваат њујоршките учители и вработените во училиштата.
Мајкл Малгру, претседател на Обединетата федерација на учители, кажа дека приоритет на синдикатот е децата да се безбедни и училиштата да се отворат. Но, во соопштението додаде дека „има многу детали на спроведувањето, вклучувајќи ги одредбите за здравствени исклучоци, кои законски мора да бидат договорени со синдикатите, и ако е потребно, да се решат договорно“.
Напорите да се зголеми стапката на вакцинација и примената на мерките за јавна заштита како носењето на маски во училиштата, наидоа на остро противење во некои делови од САД, особено во јужните сојузни држави кои се тешко погодени од делта сојот.






