Владите на поранешниот советски регион во централна Азија алармираат поради засилените конфликти во соседен Авганистан, откако американските трупи почнаа да се повлекуваат означувајќи го крајот на најдолгиот конфликт на Вашингтон во историјата. Талибанците минатата недела освоија девет провинциски престолнини, главно на северот на земјата.
„Она што е важно за нас е дека границата со Узбекистан и Таџикистан е исто така под контрола на талибанците“, изјави Шојгу, а пренесува руската агенција ТАСС.
Тој истакна дека талибанците ветиле дека нема да преминат во централноазиските соседи на Авганистан, кои Москва ги смета за своја интересна сфера.
Талибанците соопштија дека сакаат да ги уверат централноазиски соседи дека немаат аспирации во регионот кој одигра клучна логистичка улога за коалицијата предводена од Вашингтон, која ја урна милитантната група од власт пред две децении.
Руската војска вчера соопшти дека вежбите со Таџикистан и Узбекистан во кои учествуваат 2.500 војници се одржуваат „при закана од инциденти со радикалните терористички групи на границите на централноазиските земји“.
Рускиот Централен воен округ соопшти дека заедничките вежби се првите во регионот во кои се вежбаат воените тактики на руската војска во конфликтот во Сирија.
Русија има своја воена база во Таџикистан.






