петок, 24 април 2026

Израел масовно тестира деца на антитела пред почетокот на учебната година

Објавено на

часот

Сподели

И покрај зголемувањето на бројот на новозаразени со делта варијантата, израелската влада инсистира дека сака да избегне повторно затворање на училиштата.

Израел веќе започна да вакцинира деца на возраст од 12 и повеќе години.

Националното серолошко истражување се фокусира на деца на возраст од три до дванаесет години, кои не можат да ја примат вакцината поради нивната возраст, а нив во Израел ги има 1,5 милиони.

Целта е да се открие колку деца развиле силна заштита со антитела откако го преболеле вирусот без симптоми, соопшти Министерството за образование.

Децата со доволна количина на антитела нема да мора да бидат ставени во карантин по контакт со заразени.

Во соопштение, градоначалникот на Ерусалим, Моше Леон, ги повика родителите да ги донесат своите деца на бесплатен 15-минутен тест.

Истражувањето заедно го спроведуваат министерствата за здравство и образование и војската. На една од локациите во крајбрежниот град Нетанја, Израелката Зохар беше пријатно изненадена кога дозна дека нејзиниот син го преболел ковид-19.

„Мојот син доби позитивен резултат на антителата. Очигледно бил болен, а ние тоа не го знаевме“, рече таа за Франс прес.

„Тоа значи дека сега ќе добие зелен сертификат и ќе можат безбедно да оди на училиште“, додаде таа.

Нејзината помлада ќерка, исто така тестирана во неделата, немала антитела.

Пилот програмата спроведена минатата недела, која воглавно се фокусирала на заедници на православни Евреи, покажа дека околу една петтина од децата развиле антитела, објави военото радио во неделата.

Генералниот директор на министерството за образование Јигал Словик минатиот месец соопшти дека минатогодишните затворања на училиштата предизвикаа „емоционална и социјална штета“ на учениците.

Израел беше една од првите држави што започна со вакцинирање на населението минатиот декември, постигнувајќи договор со Фајзер за набавка на милиони дози вакцина во замена за споделување информации за нивната ефикасност.

Таа кампања е прогласена за успешна бидејќи драстично го намали бројот на заразени, но Израел денес повторно бележи илјадници нови случаи дневно.

Израел сега нуди и трета доза вакцина за сите постари од 40 години, паралелно повикувајќи ги оние кои не се вакцинирани да го сторат тоа.

Во моментов, повеќе од 5,4 милиони од приближно 9,3 милиони жители на Израел се вакцинирани со двете дози, а 1,2 милиони примиле трета доза.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ