Дневниот број на заразени се искачи на 42.000 во петтиот бран на коронавирус во Иран, најтешко погодената земја на Блискиот Исток.
„Пандемијата е денес проблем број еден на Иран. Бројот на заразени луѓе и смртни случаи се навистина трагични… Тоа е итно прашање кое мора да се сузбие“, рече ајатолахот Али Хамнеи во телевизиско обраќање.
Министерството за здравство на Иран во средата потврди 42.541 нови инфекции во изминатите 24 часа, со што вкупниот број на случаи достигна 4.281.217. Уште 536 луѓе починале, вкупно 95.647, што министерството го припишува на позаразната делта варијанта на вирусот.
Хамнеи, кој во јануари забрани увоз на американски и британски вакцини, рече дека владата треба „да ги засили напорите и за увоз и за производство на домашни вакцини“.
Корисниците на социјалните медиуми во Иран и во странство го обвинуваат владејачкото верско раководство за бавното вакцинирање на населението. Само четири проценти од 83 милиони жители во Иран се целосно вакцинирани.
Во меѓувреме, Иран ги обвини американските санкции за нарушување на набавката и испораката на вакцини од други земји.
Храна, лекови и другите хуманитарни залихи се изземени од санкциите на САД, кои беа воведени повторно врз Техеран во 2018 година, откако тогашниот американски претседател Доналд Трамп го напушти иранскиот нуклеарен договор од 2015 година со шест светски сили.
Покрај обидот да се забрза вакцинацијата со увезени дози и домашната вакцина КОВИран Баракат, Иран исто така учествува во иницијативата Ковакс, предводена од ГАВИ и Светската здравствена организација (СЗО). Целта на Ковакс е да обезбеди вакцини за посиромашните земји.
Властите предупредија дека во наредните недели може да има 800 смртни случаи дневно од ковид. Хамнеи ги повика Иранците да се придржуваат до протоколот на Министерството за здравство.
Иранските државни медиуми објавија фотографии од болници од неколку градови, на кои им недостасуваат кревети за прием на нови пациенти.
Државната телевизија објави дека повеќето од 31 провинција во Иран се префрлиле од портокалово на повисоко, црвено ниво на тревога.






