Еуроњуз пишува дека Бугарија се движи кон трети предвремени парламентарни избори годинава, откако Трифонов не успеа да постигне коалициски договор.
„Бугарскиот претседател, Румен Радев, сега може да ги повика другите партии да се обидат да формираат влада, но Слави Трифонов, сатиричниот водител и пејач без политичко искуство, веќе најави дека нема да поддржи ниту една од нив. Доколку ова сценарио се потврди, тоа ќе бидат трети избори во една година во оваа источноевропска земја, со месеци втурната во политичка криза без преседан од крајот на комунистичкиот режим“, коментира медиумот и смета дека третите предвремени парламентарни избори може да се совпаднат со претседателските избори, кои треба да се одржат наесен.
„Радев, жесток противник на доскорешниот премиер Бојко Борисов, се кандидира за нов мандат и ќе биде поддржан од партијата Има таков народ. Ова го кажа самиот Трифонов во изненадувачката изјава, кога ирече дека неговата партија го повлекува предлогот за форморање нова влада во Бугарија“, пишува Еуроњуз.






