Стапувањето во сила на одлуката на претседателот Реџеп Таип Ердоган да го повлече потписот од Меѓународната конвенција за заштита на жените и семејството за момент ги потисна во втор план сите проблеми со кои се соочува Турција во моментов: пандемијата на коронавирусот, битката за привлекување странски туристи, мерките што се преземаат против пеколните горештини… Потегот што беше повлечен десет години по усвојувањето на Истанбулската конвенција наиде на критики, не само во земјата, туку и во Брисел, Вашингтон и меѓународните групи што се борат за поголеми права на жените.
На улиците на Истанбул, Анкара и Измир веднаш излегоа илјадници жени, носејќи транспаренти на кои пишуваше: „Нема да нѐ замолчите, нема да потклекнеме“; „Никогаш нема да се откажеме од Истанбулската конвенција“. Носеа и портрети на неколку жени што неодамна беа убиени во семејно насилство во Турција. Се најавува продолжување на демонстрациите.
Конвенцијата за заштита на жените и семејството беше усвоена во 2011 година на состанокот на 35 земји-членки на Советот на Европа во Истанбул. Зошто Анкара сега се повлече за многумина не е сосема јасно, иако претседателот Ердоган се обиде да го објасни тоа: „Нашата борба за заштита на жените и семејствата не почна со Истанбулската конвенција и нема да заврши со повлекувањето од таа конвенција“.
Турција, рече тој, има ефикасни домашни закони и мерки за спречување на семејното насилство, но не кажа зошто чекаше цели десет години за да го сфати тоа и токму сега да го повлече овој потег.
Опозицијата тврди дека ова е политичка игра на Ердоган, бидејќи во последно време ја губи популарноста поради економската криза со која се соочува Турција. На овој начин тој направи отстапка пред влијателните конзервативни структури што од самиот почеток тврдат дека „родовата еднаквост“ ги загрозува темелите на турското семејство, доведува до зголемен број разводи, неморал и до злоупотреби зад кои стои ЛГБТ-популацијата. Ердоган смета дека по овој потег ќе ги освои нивните гласови, што може да биде клучно на претстојните претседателски и парламентарни избори, кои ќе се одржат во средината на 2023 година.
Одлуката наиде на критики во Брисел, Вашингтон и кај меѓународните групи што се борат за правата на жените.
„Длабоко сме разочарани. Тоа е чекор наназад во меѓународните напори да се запре семејното насилство“, истакна Стејт департментот.
Во ЕУ се изненадени, иако со Анкара во последно време не можат да најдат заеднички јазик за многу прашања.
„Се надеваме дека Турција повторно ќе ѝ се приклучи на ЕУ во борбата за безбедноста на жените и семејството“, посочуваат во Европската комисија.
„Со овој потег, Турција го врати часовникот десет години наназад кога станува збор за заштитата на жените. Тоа е опасна порака, бидејќи сега насилниците ќе можат да ги избегнуваат казните“, вели Агнес Каламар од „Амнести интернешнел“.
Официјалните податоци за бројот на жените-жртви на семејно насилство во Турција не се објавени. Невладината група „Стоп за фемицидот“ тврди дека ситуацијата во последните години е драматична: во 2020 година во сандаци завршија 380 жени – во просек по една на ден. Тие најчесто биле жртви на поранешните и сегашните партнери, а понекогаш и на членови на нивните семејства во случаи кога, надвор од брак, стапувале во недозволени односи. Ова е, како што се тврди, драматично зголемување во споредба со првите години во почетокот на овој век. Невладината организација посочува дека државните органи често не ги преземаат потребните мерки навремено, дека некои општини немаат „безбедни куќи“ во кои жртвите на семејно насилство би можеле да најдат привремено засолниште.
Во Турција казните за семејно насилство беа драстично заострени пред неколку години, но повторно се покажа дека ова, само по себе, не е доволно за решавање на овој комплексен проблем. Потребна е широка акција од општеството. Покрај полициските и судските тела, во оваа борба треба да бидат вклучени невладини организации, образовни институции, како и влијателната црква, особено во внатрешноста на Анадолија, каде што сè уште не можат да се ослободат од наследството од минатото кога жените биле третирани како сопственост на мажите.






