вторник, 21 април 2026

КСЗД: Националната или етничката припадност – најчеста основа за дискриминација, намалени претставки од бугарски здруженија

Националната или етничката припадност е најчесто утврдена основа за дискриминација во мислењата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминацијата (КСЗД) во 2025 година, и тоа во 29 проценти од вкупно утврдените случаи. A потоа следуваат основите: друга основа, пол, попреченост, лично својство и општествен статус, род и политичко уверување, како и други помалку застапени основи.

Објавено на

часот

Сподели

Најголем број утврдени случаи на дискриминацијата во 2025 година, се во институциите на јавниот сектор (38 случаи или 68 проценти), а утврдени се и случаи во приватниот сектор (11 случаи или 20 проценти), како и на социјалните мрежи и медиумите (7 случаи или 13 проценти).

Ова го истакна претседателот на КСЗД, Душан Томшиќ при презентацијата на годишниот извештај за работата на Комисијата за 2025 година, кој беше разгледан на денешната седница на собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.

„Од предметите за кои КСЗД донесе мислење по спроведена постапка за утврдување на дискриминација, во 56 случаи или 37 проценти се утврди дискриминација, а во 95 случаи или 63 проценти не се утврди дискриминација. Како во минатата година, во мислењата на КСЗД во 2025 година, најчесто е утврдена дискриминација во областа на работата и работните односи – и тоа во 29 случаи или 52 проценти од вкупниот број донесени мислења, а потоа следат утврдените случаи во областите на образование, наука и спорт, пристап до добра и услуги и јавно информирање и медиуми. Голем дел од претставките кои се добие по етничка основа се за пристап до добри услуги, односно пристап до вода, канализација; во делот на образование и изучување на образованието на својот мајчин јазик каде што не се спроведува уставната категорија дека секој има право да учи на сопствениот јазик.  Значително е намален бројот на поднесени претставки на бугарски здруженија. Имамвме една до две од истиот подносител, коишто мислам дека и беа отфрлени, бидејќи во нив немаше никаков контекст. Зборуваа за историски работи кои сметавме дека не се предмет на работа на Комисијата да утврдува историски факти, а не беа директна навреда кон одредена етничка заедница“, рече Томшиќ.

Најголем број претставки се поднесени за заштита од дискриминација врз основа на национална или етничка припадност (22 проценти), а потоа следуваат друга основа, политичко уверување (18 проценти), лично својство и општествен статус (17 проценти), образование (11 проценти), пол (10), род (8), здравствена состојба (8), попреченост (5), и возраст (5). Жените почесто од мажите пријавиле дискриминација врз основите национална или етничка припадност, политичко уверување, лично својство и општествен статус и имотен статус.

Во поглед на областите, најмногу претставки се поднесени за заштита од дискриминација во областа на работата и работните односи (52 проценти), а добиле пријави и во областите: образование, наука и спорт (11), пристап до добра и услуги (10), јавно информирање и медиуми (10), социјална сигурност вклучувајќи го и подрачјето на социјална заштита пензиско инвалидско осигурување здравствено осигурување и здравствена заштита (6), правосудство и управа (6), други области (5), членување и дејствување во синдикални политички партии здруженија на граѓани и фондации или други организации засновани на членство (4), домување (2) и култура (2).

Заклучно со 31.12.2025 година, КСЗД донела вкупно 359 одлуки по предмети за заштита од дискриминација, од кои 151 или 42 проценти се мислења по спроведена постапка за утврдување на дискриминација и 208 или 58 проценти се заклучоци за отфрлање на претставката, односно за непостапување или запирање на постапката. Најмногу од претставките за кои не можело да се спроведе постапка, како што потенцира тој, биле отфрлени заради неуредност на поднесокот или затоа што КСЗД немаше законска надлежност да постапува. Независно што не се повела постапка за утврдување на дискриминација, Комисијата во сите овие случаи на подносителите им давала информации и насоки за начинот и јавниот орган до кој треба да се обратат заради остварување на нивните права.

Во 2025 година до Собранието на Република Македонија, КСЗД доставила две информации во однос на потребни законски измени и дополнувања, за отстранување на индиректна дискриминација од два закона. Едната за потребата за измени и дополнувања на Законот за високо образование, како резултат на утврдена индиректна дискриминација во 2024 година кон вработени здравствени работници во приватни здравствени установи, а другата измени и дополнувања на Законот за култура, согласно утврдена индиректна и продолжена дискриминација кон носители на државни награди од областа на културата и уметноста во врска со нееднаков износ на месечен надоместок.

Во 2025 година, КСЗД активно ги користела своите законски надлежности преку учество во судски постапки како пријател на судот (amicus curiae), поднесувајќи три барања пред Основниот граѓански суд Скопје во предмети поврзани со дискриминација по основ на политичка припадност, сексуална ориентација, родов идентитет и припадност на маргинализирана група.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во 2025 година работела на вкупно 559 предмети за заштита од дискриминација, од кои 448 нови, отворени во 2025 година и 111 предмети пренесени од претходната 2024 година. Од новите 448 предмети, 444 се претставки поднесени од граѓани и организации, а останатите 4 се постапки кои КСЗД ги вовела по службена должност.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ангелинка Петкова истакна дека податоците од извештајот покажуваат јасен тренд на довербата на граѓаните во оваа институцијата.

„Самите бројки покажуваат дека луѓето сè повеќе се охрабруваат да пријавуваат и да доставуваат претставки до оваа Комисија, што значи дека 444 претставки има поднесено од физички и правни лица, а четири претставки по службена должност. Тоа е директен показател дека граѓаните сè повеќе ја препознаваат Комисијата за спречување и заштита од дискриминација како ефективен механизм за заштита на човековите права. Извештајот покажува дека дискриминацијата не е маргинален проблем, напротив, таа е системски присутна, особено во работните односи и на етничката основа. Има потреба од поголема видливост за да може да се работи на превенција од дискримијација, а не на заштита. Треба да се слушне вашиот глас за потреба од ресурси и кадар за да се постигнат очекуваните резултати во иднина, затоа што, како што видов во извештајот, работите со екстремно намален капацитет, односно со 37 проценти капацитет на вработени“, рече Петкова.

Пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска нагласи дека од деталните податоци од извештајот на КСЗД тоа што најмногу лично ја загрижува е делот што најголем број од претставките за дискриминација доаѓаат врз основа на етничката и националната припадност.

„Меѓутоа, ако направиме споредба со 2024-2025 година, се зголемува бројката и на претставките од граѓани коишто сметат дека се дискриминирани врз основа на политичко уверување од 11 на 18 проценти. Не е мал процент на зголемување и некаков сигнал дека во одредени работи ние како Собрание треба да интервенираме во тој дел. И во делот на она што и понатаму останува загрижувачко дека најголем дел од утврдените случаи на дискриминација се токму во институциите од јавниот сектор. И она што го рековте за кјуар-кодовите коишто се доставите на институциите и делот од нив ги немаат објавено, залепено на видно и фреквентни места за да можат да се информираат и граѓаните, меѓутоа и вработените во тие институции, многу подетално преку информациите што можат да ги добијат во тие кјуар-кодови очигледно е поради тоа што и најголеми дискриминатори по вашиот извештај се токму во јавниот сектор. На крајот само ќе кажам, сметам дека сте ретка или единствена независна институција во држава и верувам дека и во 2026-а и понатаму ќе ја задржите таа независност и ќе работите по Устав и закон“, рече Тренчевска.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ