Мировните сили ќе бидат распоредени на „ограничен“ временски период за да се стабилизира ситуацијата во Казахстан, најави претседателот на Советот за колективна безбедност на ЦСТО и премиер на Ерменија, Никол Пашинјан.
„Како одговор на апелот на (претседателот Касим-Џомарт Токаев) и со оглед на заканата за националната безбедност и суверенитет на Казахстан, предизвикани, меѓу другото, со надворешно мешање, Советот за колективна безбедност на ЦСТО одлучи да испрати заеднички мировни сили во Република Казахстан во согласност со член 4 од Договорот за колективна безбедност“, рече Пашинјан во изјавата на Фејсбук.
Алијансата допрва треба да го објави опсегот и деталите за распоредувањето, но Пашинјан рече дека трупите ќе останат во Казахстан „ограничен временски период со цел да се стабилизира и нормализира ситуацијата“.
Одлуката доаѓа само неколку часа откако казахстанскиот претседател побара помош од сојузниците во услови на насилни немири што ја зафатија нацијата, тврдејќи дека „терористи“ упаѓаат во стратегиските објекти низ целата земја.






